Херојот на филмот „Хотел Руанда“ излезе од затвор

Пол Русесабагин херојот во филмот „Хотел Руанда“, вчера беше ослободен од затвор во Руанда, објавија американските власти.Казната му беше ублажена по интензивната дипломатска активност на САД.

Русесасабагина синоќа во придружба на претставници на американската амбасада е преместен од затвор во резиденцијата на катарскиот амбасадор во Кигали, изјавија за новинарите во Вашингтон двајца високи функционери на администрацијата на Бајден.

Русесабагина беше осуден на 25 години затвор во септември 2021 година за неговите врски со група која се спротивставува на претседателот на Руанда, Пол Кагаме, и има вооружено крило.

Владата на Руанда претходно вчера објави дека ја ублажува казната на Русесабагина. Тој ќе остане таму неколку дена пред да отпатува во Доха, а потоа и во САД, изјавија официјалните лица, кои кажаа дека владата на Руанда и на САД, како и самиот Русабагина, одиграле важна улога во овој редослед на настани.

Историски блиските врски на Вашингтон со Руанда беа затегнати поради случајот и обвинувањата на САД, кои Кигали ги негираше, дека Руанда испратила војници во соседната Демократска Република Конго и ги поддржува тамошните бунтовници.

Стефани Нимбајер, портпаролка на претседателот на Руанда, Пол Кагаме, на Твитер напиша дека ослободувањето е „резултат на заедничката желба за ресетирање на односите меѓу САД и Руанда“.

Русесабагина (68) беше осуден во септември 2021 година. Тој ги негираше обвиненијата и го бојкотираше судењето, што тој и неговите поддржувачи го нарекоа политичка измама. Тој исто така рече дека бил киднапиран од Дубаи во 2019 година и насилно вратен во Руанда.

Кагаме негираше какво било киднапирање, но посочи дека Русесабагина бил измамен во Дубаи да се качи на авион за Руанда.
Вашингтон посочи дека тој е „погрешно приведен“, делумно поради, како што наведе, немањето гаранции за правично судење.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен се состана со Кагаме за време на посетата на Кигали во август и „зборуваше многу за планот за евентуалното ослободување на Пол“, рече американски официјален претставник запознаен со ова прашање.

Неименуван американски функционер близок до преговорите рече дека случајот одекнал многу подалеку од Африка.

„Хотел Руанда“ го прикажува успехот на Русесабагина во спасувањето на повеќе од 1.000 бегалци, вклучително и неговото семејство, за време на геноцидот во Руанда во 1994 година, ставајќи ги во опколениот хотел со кој управувал во Кигали.

Русесабагина, гласен критичар на Кагаме, призна дека има водечка улога во опозициската група, Руанда Движење за демократски промени (МРЦД), но негираше одговорност за нападите извршени во Руанда од нејзиното вооружено крило, Силите за национално ослободување (ФЛН).

Тој напиша дека ако биде помилуван и ослободен, остатокот од своето време ќе го помине во САД, во тивко размислување.