„Ја имате почитта и поддршката од целата Комора да пристапите кон суштинските проблеми кои ги мачат двете општества и да најдете решенија кои на двата народи ќе им донесат прогрес, иднин, работни места, економија и поврзување“. Ова го изјави Кирил Лазаров – претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора во Република Северна Македонија во соопштение пред посетата на новиот бугарски премиер Кирил Петков на Скопје.
Лазаров и Комората ги потсетуваат двајцата премиери (Петков и Ковачевски) дека имаат „историска должност кон сите оние кои живеат денес и ќе продолжат да живеат и утре, или после 10, 30 или 50 години, затоа што денес ја пишувате иднината и новата историја, историја во која ќе пишува дека Вие двајцата лидери сте нашле решение со кое ќе има нови автопати, нови гранични премини, во кое ќе профункционира железничката трансферзалаа, ќе имаме директен лет Скопје-Софија и решение во кое ќе дефинирате иднина во која ќе се разговара колку многу наши драги соседи од Бугарија ќе дојдат во Охрид или Маврово, а колку Македонци ќе отидат во Банско или Сончев Брег“ е ставот на Македонско-бугарската стопанска комора.
Оттаму порачуваат: „Создадете иднина за која ќе се зборува со силни емоции“, се вели понатаму во соопштението, „со среќа и љубов за двата народа, за благосостојба на нашите деца“. „Создадете енергија за нашите народи да се почитуваат, поздравуваат и да се прегрнуваат каде и да се сретнат. Нели сме братски народи со заедничко минато и уште позаедничка иднина? Да зборуваме за гасоводи, автопати, ветерници, хидроцентрални, фотоволтаици, да ги споиме нашите народи во земјоделието, туризмот, одбраната и образованието“
Bизнисмените од Македонско-бугарската стопанска комора, меѓу другото, ги повикуваат Ковачевски и Петков да го посеат „семето на пријателството наместо на омразата, тоа впрочем им го должиме на нашите деца и поколенија“, со што ќе се запре „миграцискиот пустош кој ни се случува во двете држави и договорете се да останеме тука и да живееме едни покрај други во хармонија, наместо некаде далеку, да бидеме Mакедонци и Бугари во Македонија и Бугарија, наместо странци во Англија и Германија“.