Подољак: Киев не прифаќа мировен договор со кој Русија ќе задржи украинска територија

„Киев отфрла каков било мировен договор со Москва што ќе и овозможи на Русија да ја задржи окупираната украинска територија од руските сили“, изјави денеска Михаил Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Руската Федерација (Путин) под зборот разговор и нуди на Украина и на светот да го признаат нејзиното право да окупира странски територии и да го решат отсуството на правни последици за масовни убиства на странска територија. Тоа е целосно неприфатливо“, напиша Подољак на Твитер.

Претходно рускиот претседател Путин, во денешниот телефонски разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Москва е подготвена за разговори за Украина, но дека Киев ќе мора да го прифати губењето на териториите на кои Русија полага право.