Господинов: Балканот е преоптоварен со минатото, а национализмот се храни со минатото

„Човек има потреба од минатото кога сегашноста е алармантна, а иднината уште повеќе. Минатото може да биде опасно, да биде стапица, во која се влегува и може да не може да се излезе. Минатото е опасно кога некој политичар се обидува цел еден народ да внесе во минатото. На Балканот има моменти кога гласот на писателот се слуша многу силно, сега дојде време кога зборовите го променија влијанието, ние ги излитивме зборовите“ вели бугарскиот писател Георги Господинов во најновото издание на Трилинг.

Господинов вели дека „доаѓа време во кое се повеќе ќе се вртиме кон литературата. Затоа што литературата не тера да мислиме бавно, и да го осознаваме тоа што ни се случува бавно. Гласот на писателот ќе биде се погласен“.

„Има времиња во кои нема простор само да стоиш и да пишуваш книги. Има време и кога треба да се реагира. Во 1989 година првпат излегов на улица за да протестирам, и годинава бев на улица, протестирав. Станав бунтовник“ вели тој.

Господинов за „Балканот како буре барут“ вели „Балканот е преоптоварен со минатото, а национализмот се храни со минатото. Мојот роман „Засолниште на времето“ го третира токму тоа – колку пати може да ни се случува едно исто. Одново влегуваме во една иста река, најнов пример е војната Украина – Русија“.