Паунов: 30 години во Македонија ништо не е инвестирано во енергетскиот сектор, последиците сите ги чувствуваме

„Згрешено е уште на почетокот кога се правеше промоција на фотоволтаиците. Поставување како големи капацитети, компании, индустрија и она другото – домаќинствата. Многу лесно се правеше перцепција дека секаде може да се постави фотоволтаик. Тоа е погрешно. Не може фотоволтаикот да е базен енергетски извор, може да дополни, да се избалансира, може да го помогне домашното производство“ – вели Горан Паунов, генерален директор на „Пиксел груп“ во најновото издание на Трилинг.

„Позитивно во целата работа е што компаниите разбраа дека може на крововите да постават фотоволтаици за сопствените потреби, затоа што се големи потрошувачи на електрична енергија“ вели Паунов.

Паунов смета дека „ова производство ја намалува потрошувачката на електрична енергија, преку ден, токму кога енергијата е најскапа“.

„Кога имаме добра намера, за да се ублажи шокот од енергетската криза, подобро и сега да се направи, отколку никогаш. Во Македонија има 700.000 домаќинства, од тие 350.000 што живеат во куќи, 10% да имаат можност за поставување на фотоволтаици, 3.500 инсталации дали може да се постават годишно. Тоа е невозможна мисија. Кога почнавме со производството бевме свесни дека ќе биде тешко да се најде производствен кадар. Панелите треба да не надживеат, со рокот на производство. На стартот успеавме да најдеме работници кои посветено пристапија во фабриката. Имавме 20 мегавати годишно производство, сега и до 170 мегавати годишно може да произведеме“ вели Паунов.

За аферата на ВМРО-ДПМНЕ „Броило“, на прашање дали блискоста со премиерот Ковачевски е дополнителен товар за Паунов тој рече:

„Актуелниот премиер уште пред да стапне на државничка функција излезе од компанијата 100-процентно, немаме никаква поврзаност, проблемот на партијата не е само со Пиксел груп, туку и со другата моја компанија. Нема никаква врска, таа е пионер во проектирањето и изведба на фотоволтаични панели. Работат над 100 луѓе, досега ниту сме искористиле некои бенефиции од власта, сме конкурирале на пазарот без фаворизирање. Ништо не сме криеле, се сме добивале на основ – исполнување на критериуми“.

„Среќна околност е што Ковачевски е човек од бизнисот, виде со кои проблематики се соочува енергетскиот сектор, па мора да признаеме, над 30 години во Македонија ништо не е инвестирано во енергетскиот сектор, можеле, но ништо не направиле, последиците сите ги чувствуваме“ рече Паунов.