
ОПЕК+ нема да го намали производство на нафта
ОПЕК+ веројатно ќе се држи до своите цели за производство на нафта и по денешниот состанок, соопштија вчера пет извори од ОПЕК+, еден ден откако групата Г7 најразвиени земји се договорија за ограничување на цената на руската нафта.
ОПЕК+ ја сочинуваат земјите од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), плус Русија. Нивната одлука од октомври да го намалат производството за 2 милиони барели дневно, што е околу 2 отсто од светската побарувачка, ги разлути САД.
Вашингтон ја обвини организацијата и еден од нивните лидери Саудиска Арабија дека се на страната на Русија во војната против Украина.
ОПЕК+ тврди дека го намалил производството поради послабите економски изгледи и дека цените на нафтата се намалени од октомври поради забавениот кинески и глобален раст и повисоките каматни стапки.
Во петокот, Г7 и Австралија се договорија за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел со цел да ги намалат приходите на Русија, а во исто време да го задржат снабдувањето на светските пазари.
Москва соопшти дека нема да ја продава својата нафта поевтино и анализира како да одговори.