Затворите, судовите, факултетите и зоолошката градина ќе добијат известување за исклучување на струјата

Поради големи долгови и факултетите, судовите, зоолошката градина, затворите може да останат без струја. ЕВН од утре ќе испорачува известување за исклучување и до овие инситуции. Претходно  ваков документ добија  Клинички и Железници,  дека за помалку од две недели можат да останат без електрична енергија.

Сега министерот за финансии Бесими ќе проба да најде пари за барем да го намали долгот од околу 7 милони и Клинички да се спаси од мрак. Во меѓувреме  се токмат нови милионски набавки на струја. Од утре продолжува купувањето на  електрична енергија. За само три дена за нешто над 10.000 мегават часови ќе се потрошат над 4 милиони евра. Од каде ќе биде набавена оваа струја , во игра повторно истите фирми.

За првите четири дена од декември пак се платија 6 милиони евра за да се обезбедат  над 15.000 мегават часови електрична енергија. Тоа значи дека за  една недела за набавка на струја ќе се потрошат нешто над 10 милиони евра. Последните набавки на сајтот на ЕСМ онаму каде што се објавуваа, повторно ги нема. Но, од компанијата ја објавија работната акција на првиот човек на ЕСМ Ковачевски со вработените, за пошумување и собирање на стара хартија. За купување на струја пак за овој месец обезбедни се 25 милиони евра.  Цената на берзите е повторно во скок.

Еден мегават час чини и  повеќе од 400 евра. Надлежните се надеваа дека овој месец  ќе проработат сите капацитети и ќе се намали  потребата од набавки. Но,  амбициозниот план  на премиерот, министрите, вицепремиерот и од ЕСМ,  тешко се спроведува. По, подолго време, денеска ТЕЦ Осломеј почна со работа,  но Неготино се уште е надвор од мрежа. РЕК Битола пак и натаму работи со два блока, а минатата недела краток период работеше и со само еден блок. Во ноември пак за набавка на струја беа потрошени над 20 милиони евра.