
Николоски: Интензивно се преговара со потенцијален кредитор за брзата пруга
Интензивно и на дневна основа се преговара со потенцијалниот кредитор за изградба на брзата пруга, а проектот е влезен во финална фаза. Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, велејќи дека по добивањето на сите потребни студии, фокусот е ставен на изборот на финансиер, изведувач и надзор.
Интензивно и на дневна основа се преговара со потенцијалниот кредитор за изградба на брзата пруга, а проектот е влезен во финална фаза. Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, велејќи дека по добивањето на сите потребни студии, фокусот е ставен на изборот на финансиер, изведувач и надзор.
На прашање во која точно фаза се наоѓа проектот и зошто нема новости за изборот на кредитор откако објави дека на крајот на август ги добиле шесте неопходни студии, Николоски одговори:
„Сега одиме во финалната фаза, каде што треба да избереме финансиер, кредитор и треба да избереме изведувач и надзор, секако ќе има и проектна единица. Тоа е финале во едно проектно финансирање, да не ни се случи како со автопатите на коридорот 8 и 10д коишто ги работи конзорциумот ’Бехтел и Енка’, да се влезе во проект без да има обезбедено финансирање. Но, не само финансирање, таму подоцна и проектна единица се бираше. Со надзорот еве веќе имаме ситуација каде што му истекува договорот. Не сакаме да влегуваме во таква ситуација и затоа сакаме да ги уредиме сите тие односи. Кажавме дека ни е таргет со почетокот на новата градежна сезона, зависно од временските услови пролетта следната година, март, април месец, веќе и на терен да има градежни активности“.
Прашан – дали сè уште се води разговор со истиот инвеститор чија индикативна понуда претходно беше посочена од владини претставници, министерот потврди дека преговорите се фокусирани токму на таа понуда.
„И само со тој затоа што веќе е избрана таа индикативна понуда, така што сега веќе одиме во финеси, во детали и така натака, коишто кога целокупно ќе биде завршено, на најтранспарентен начин ќе бидат презентирани и во јавноста, и пред пратениците“,рече Николоски.
Во однос на динамиката на преговорите, Николоски одговори дека се работи секојдневно.
„Да, интензивно, кога велам интензивно – на дневна основа, еве денес ова го снимаме, ќе оди вечер, во 18 часот на пример имаме конференциски повик каде што разговараме дел од деталите коишто треба да бидат уредени“,
посочи тој.
На прашање на „360 степени“ – дали текот на преговорите зависи и од кондицијата на државниот буџет, состојбата на меѓународните финансиски пазари и нивото на јавниот долг, министерот рече дека клучот е во економскиот раст.
„Секако баланс треба да се направи помеѓу сето тоа, но она што за мене е најзначајно, тоа е растот на бруто домашниот производ, којшто директно влијае на состојбата со јавниот долг, имајќи предвид дека ние имаме шест квартали по ред раст на бруто домашниот производ над 3%, а имаме двоцифрен раст на градежништвото. На пример, во вториот квартал оваа година, последните јавно достапни бројки, градежништвото порасна 21,9%, тогаш ако успееме оваа динамика да ја задржиме и во годините коишто се пред нас, тоа значи дека без разлика што ќе се позајмува, јавниот долг или ќе се намалува или ќе останува ист процентуално, што е најзначајно за една држава и така се водат паметни инвестициони политики“,
кажа Николоски.
Со оглед на тоа што болниците во Штип, Кичево и Тетово првично се споменува како дел од британскиот пакет заедно со брзата пруга, но подоцна беше одлучено да се финансираат преку Светска банка и ЕИБ, министерот беше прашан дали постои можност за промена и кај железницата. Според него, за сите проекти биле испратени барања до над 30 меѓународни финансиски институции.
„За болниците најдобра понуда даде еден конзорциум којшто е комбинација од Светска банка, Европска инвестициска банка, а во однос на железницата најдобрата понуда ја имаме од Велика Британија. Финансиерот во однос на брзата пруга ќе е со механизмот на УКЕФ (UK Export Finance)“,вели Николоски.
Министерот останува на проекцијата дека целиот проект за брзата пруга ќе изнесува околу 2 милијарди евра, при што трошењето на средствата ќе биде најинтензивно во втората, третата и четвртата година од петгодишниот период на реализација.