Мухамед Зеќири доби вкупно 19 месеци затвор од Апелацискиот суд

Бившиот генерален секретар на Владата е осуден за злоупотреба на службената положба со штета од 1,1 милион евра врз државниот буџет

Една година и седум месеци затвор е казната од Апелацискиот суд за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, објави „Коха“.

Тој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со договори за консултантски услуги за анализа на ситуации и евентуална приватизација на „Македонска пошта“ и на „Македонски железници“, без постапка за јавна набавка.

Одлуката доаѓа по повторено судење, а Зеќири има право да поднесе жалба до Врховниот суд во рок од 8 дена.

Според Обвинителството, договорите предизвикале штета на државниот буџет од над 1,1 милион евра.

Апелацискиот суд нагласува дека за ова е наредена конфискација на имотот на изведувачот „Интерхолдинг“, но не и против Зеќири.