(ВИДЕО) Русковска: Битката со корупцијата и криминалот затајува во институциите

„Ако во претходна постапка од страна на судија и биле одземени двата пасоши, тогаш не ја гледам вината ни кај судот, ни кај обвинителството.

– Нашите граници ни се порозни. Јас не верувам дека на легален премин ја поминала границата“, вели Вилма Русковска поранешна шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, околу Ива Михаилова, и додава дека доколку нема мерки за претпазливост, полицијата нема право да проверува дали е она дома.

Русковска смета дека по меѓународното право, по распишаната потерница од македонските власти, целиот предмет треба да се прати во Бугарија, за тие таму да го започнат судењето.

„Таа ќе одговара според бугарски закон, но не построг од македонскиот закон“, вели Русковска.

Таа категорично ги демантира и тврдењата дека дозволива преквалификација на делата од 27-ми април.

„Од почеток, до правосилност е таа квалификација. Имаше ургенции, но јас не се согласив и немаше преквалификација“.

Русковска вели дека корупцијата е подеднакво застапена и денеска и во минатото.

„Јас се обидов да се справам со корупцијата, но бев суспендирана и разрешена. Јас сум единствен обвинител, во чие време високи функционери завршија во притвор и на судење. Говорам за поранешни генерални секретари на владата. Но кога се измени кривичниот законик јас веќе бев суспендирана“.

Според неа битката со корупцијата и криминалот затајува во институциите.

„Сметам дека има доста вина и во полиција, и во обвинителство, и во судството“.

Русковска смета дека ниската доверба во македонскиот правосуден систем се должи на тоа што политичарите многу си дозволуваат да критикуваат пресуди, постапувања на обвинителството.

„Во секое жито има и коров. Но јас гарантирам најголем број на судии и обвинители се многу чесни и многу чесно си ја вршат својата работа“, додава поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

„Проблемот на секоја власт е што смета дека државата од почеток треба да почне. Затоа и судството ни е таму кај што ни е, и сите институции ни се таму кај што ни се“, вели Русковска.

Целото интервју погледнете го видеото