Бесими и екс-министрите за финансии формираа Совет кој ќе придонесе во градење на кредибилни економски политики
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на веќе традиционалната средба на крајот на годината со поранешните министри за финансии, заеднички покренаа иницијатива за формирање Совет како експертско тело кое ќе биде дел од СЕФФ Форумот и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за коишто е потребен консензус во општеството.
Иницијативата произлезе од средбата на министерот Бесими со поранешните министри за финансии од осамостојувањето на државата. На средбата присуствуваа Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Зоран Ставрески, Трајко Славески и Кирил Миноски, додека останатите, кои ја вршеле оваа функција од објективни причини не присуствуваа на средбата, но интенцијата е и тие да бидат дел од Советот.
Советот на поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ и истиот ќе биде активен во текот на целата годината за прашања и теми важни за економскиот развој на земјата. Улогата на Советот е да даде солидна основа на Форумот во градењето кредибилни економски политики преку инклузивен и транспарентен процес. Тоа ќе биде пред се тело на експертско ниво во кое искуството и знаењето на неговите членови ќе претставуваат додадена вредност во креирањето на политиките.
На средбата на министерот Бесими со неговите поранешни колеги, кои ја вршеле оваа функција, се разменија мислења за економските перспективи, но и за актуелните прашања, како и предизвици кои произлегуваат од пандемијата со Ковид 19, енергетската криза, притисокот на цените на светската берза, но и за потребата за раст на економијата.