„Ако бугарската Влада направи отстапки кон Северна Македонија и ги достави до Парламентот, ние сме подготвени да ги поддржиме“.
Ова меѓудругото го изјави поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов во интервју за бугарскиот весник „24 Часа“.
Прашан дали планот предложен од новиот бугарски премиер Кирил Петков за формирање работни групи за дијалог со Македонија би функционирал, Борисов нагласува дека може „само да му посака успех“.
„За време на бугарското претседавање со ЕУ, имаше средби меѓу грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев, како и со (францускиот претседател Емануел) Макрон и други. Договорот од Преспа се роди во Софија, како можност по Договорот со Бугарија“ – потенцира Борисов.
Според него, тогаш на земјава и било кажано дека има „две-три теми што треба да се решат – малцинствата, да се смени Уставот, да се разјасни историјата – и потоа да продолжи понатаму“.
„Бугарија во никој случај не ја запре Северна Македонија“ – тврди Борисов.
Борисов во интервјуто нагласува и дека му посакува на новиот бугарски владин Кабинет да води добри преговори со земјава и ако неговата Влада нешто згрешила да го исправи тоа.
„За Бугарија ќе биде подобро Северна Македонија и Албанија да бидат дел од ЕУ“ – смета Борисов.