Пандемија на пропусти во образованието на Балканот

Автори: Аљбиона Хајдари (Косово), Меги Чука (Албанија) и Ивана Стојкова (Северна Македонија)

Сабота е. Г., студентка по математика на Универзитетот во Приштина, седи пред лаптопот и се обидува да се фокусира додека професорот предава описна геометрија. Предметот е тежок и преполн со цртежи. Дава сѐ од себе да се сконцентрира, кога во тој момент го слуша ѕвончето на влезната врата и дома ѝ влегуваат гости.

Таа станува да ги пречека гостите, а во меѓувреме предавањето си тече… Цртежите се менуваат, додека Г., справувајќи се со гостите, го губи ова предавање, што е случај и со многу други нејзини соученици.

Еден од факторите што влијае на квалитетот на нејзините студии е несоодветната околина за учење.

Таа вели: „Изучувањето на предметите од областа на математиката оди потешко поради онлајн наставата. Ова се должи на помалиот број на задачи кои успеваме да ги решиме за време на предавањето, што резултира со послаб квалитет на нивото на решавање задачи. Поради тоа, успеваме да научиме многу помалку отколку кога бевме физички присутни на предавањата“.

Таа вели дека онлајн учењето ја уназадило во многу погледи и дека е неефикасно.

„Во многу случаи, од разни причини, професорите не ги одржуваат предавањата според утврдениот распоред. Голем број од предавањата се одржуваат и за време на викендите, што придонесува студентите да не успеваат да си го испланираат денот. Според мене, организацискиот систем на онлајн предавања нè уназади во многу погледи и е неефикасен“, продолжува таа.

Денада, студентка на Правниот факултет на Универзитетот во Тирана, се соочила со проблеми со интернет конекцијата и со прекин во снабдувањето со електрична енергија.

„Беше проблем кога требаше да присуствувам на некој семинар или да презентирам задача и одеднаш ќе снемаше струја. Се чинеше дека можеби намерно не се вклучувам, а всушност се работеше за технички проблем“, вели таа.

Со овие проблеми се соочувала и за време на испитите.

„Беше тешко да се управува со техниката, особено за време на испитите.“

За неа, онлајн наставата многу го променила начинот на студирање. Предавањата биле во аудио формат и таа ги слушала кога сакала, а прашањата што обично ги поставувала на предавањата, сега ги разгледувале на семинари.

Меѓутоа, ова главно се тешкотии што се среќаваат додека се реализира онлајн настава во услови на пандемија.

„Префрлањето на онлајн предавања, недостигот на интерактивност, професори кои не се подготвуваат за онлајн настава и ограничувањето на студентите на предавањата се дел од многуте недостатоци кои поминуваат неказнето во оваа област.”, смета директорот на Институтот за образовни студии „ЕдГард“ во Косово, Ринор Ќехаја.

Ќехаја вели дека универзитетското образование многу малку е фокусирано на квалитетот на студиите, што е всушност не им оди во прилог на студентите.

„Оваа небрежност, која излезе на виделина за време на пандемијата, и неспособноста на универзитетските професори да се снајдат со методологијата за онлајн настава, уште еднаш покажа дека пред сѐ во универзитетско образование недостигаат добри предавачи“, вели тој.

И самите универзитети признаваат дека се соочиле со голем број предизвици при онлајн наставата за време на пандемијата.

„Во истражување спроведено од Универзитетот во Приштина, во однос на потешкотиите со кои се соочуваат студентите за време на процесот на учење во пандемија, студентите изјавиле дека наишле на технички проблеми, како што се прекини на снабдување со електрична енергија, проблеми со интернетот, нефункционирање на техничката опрема, како и со недостиг на интеракција со други студенти, вежби (лабораториски и други) кои биле тешко разбирливи преку видеа и други главно технички аспекти“, велат од Ректоратот на Универзитетот во Приштина.

Овие предизвици ги спомнаа и студентите, а дел од нив рекоа дека дури и одлучиле да ги прекинат студиите.

Иако ова беше период во кој сите се соочувавме со исти потешкотии, очигледно има случаи каде потешкотиите во иста ситуација може различно да се толкуваат. Станува збор за две студентки од Универзитетот во Тирана, кои имаат различни ставови во врска со поддршката што ја добивале од нивните професори за време на овој период. Понатаму, во однос на тоа колку нивните професори нуделе поддршка или помош во ова време, Елисабета и Оркида, студентки на Медицинскиот и Правниот факултет, се чини дека имаат релативно различни мислења. Оркида вели: „Професорите генерално ни пружаа поддршка, што на сите ни беше од голема помош“.

„Што се однесува до нас и до професорите, ова не беше најефикасниот начин, но беше единствениот што можеше да функционира во овој случај. Тие се обидоа да се прилагодат на достапните платформи, иако имаа потешкотии. Повеќето педагози имаа разбирање и за студентите кои беа во можност да присуствуваат на предавањата и за студентите кои најчесто не беа во можност да присуствуваат на предавањата. Секако, имаше и такви кои на почетокот не покажаа многу разбирање, но подоцна се реши тоа“, вели Елисабета.

Министерството за образование на Косово исто така не ја смета онлајн наставата за соодветна. Од таму соопштија дека образованието не се наоѓа на завидно ниво за време на пандемијата. Заменик-министерот Дукаѓин Поповци за локалните медиуми изјави дека „предавањата за време на онлајн наставата воопшто не се на соодветно ниво“.

Многу студенти и професори се соочија со програми што не им се познати, слаб интернет, недостиг од техничка опрема, а во многу случаи и со недостиг на електрична енергија. Некои студенти беа целосно исклучени од наставата.

Како и да е, онлајн системот беше едно навистина тешко искуство, особено за студентите кои не поседуваа техничка опрема потребна за следење на наставата.

Онлајн наставата ги продлабочи социјалните разлики

 „Посакувам некој да ни даде лаптоп за да можеме да присуствуваме на онлајн часовите, а потоа ќе му го вратиме“ – ова барање на 14-годишно момче во документарниот филм снимен од новинари во Северна Македонија за време на пандемијата ја натажи целата нација. Приказната го следи ова момче и неговата постара сестра, кои потекнуваат од социјално загрозено семејство и не можеле да си дозволат да купат дигитални уреди за да следат онлајн настава. Авторот на документарецот, новинарот Сунаи Сабриоски, вели дека ова е само еден од примерите за деца кои немале еднаков пристап до онлајн образование за време на пандемијата на Ковид-19.

„Овој документарец ги разоткрива слабостите на образовниот систем и ѝ пркоси на сликата што образовните власти сакаа да ја претстават – дека секое дете/ученик има поволни услови за следење онлајн настава. По објавувањето на документарниот филм, нашиот тим доби стотици пораки и донации за овие ученици од невладини организации и луѓе кои беа подготвени да донираат компјутери. Единствената институција која реагираше по документарецот беше општината и градоначалникот, а Министерството за образование остана на изјавата дека сите деца имаат можност да следат онлајн настава.“

Според статистиката на Министерството за образование во Северна Македонија, 10% од учениците не располагале со потребните уреди или со интернет за да следат онлајн настава. Но, од Министерството велат дека обезбедиле и други можности за овие деца да следат настава.

„Минатата година, училиштата и општините ја обезбедија потребната компјутерска опрема за следење на онлајн наставата, додека на учениците кои немаа струја и интернет во нивните домови им беа обезбедени материјали или следеа настава во училиште. Локалните самоуправи и училиштата направија дополнителни инвестиции во текот на летото за непречена имплементација, што ги зајакна ресурсите за спроведување на онлајн наставата.“

Меѓутоа, претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ, е категоричен дека не сите ученици имале пристап до онлајн наставата. Според него, онлајн образованието ги истакнало и социјалните разлики во општеството:

„Пред пандемијата постоеше општо прифатен консензус дека Македонија е целосно дигитализирана земја, но се покажа дека реалноста е сосема поинаква. Учењето на далечина беше само уште еден показател за длабоките општествени разлики во македонското општество. Како такво, учењето на далечина беше еднакво достапно за сите и државата не презеде ништо за да им обезбеди соодветни уреди или пристап до интернет на учениците на коишто им беа потребни“.

Според Министерството за образование, минатата учебна година беше успешна. Сепак, тие признаваат дека настанале потешкотии, како што се лошата интернет конекција во училиштата и недостигот од компјутерски уреди, но овие потешкотии биле надминати за кратко време.

„И покрај сите напори на наставниците за успешна реализација на наставата, најверојатно, некои ученици не успеале да совладаат одредена содржина или не постигнале задоволителни резултати во текот на новата учебна година. Во согласност со досегашната практика и искуство, како и насоките дадени од Бирото за развој на образованието при советодавните посети на училиштата, наставниците, пред да се вклучат во дискусија за нови теми и содржини, ги повторуваат и ги поврзуваат новите знаења со искуствата на учениците, со цел полесно совладување на материјалот и исполнување на наставните цели. Секако, секој наставник е должен да организира дополнителна настава за учениците кои имаат потешкотии во учењето и совладувањето на наставниот материјал“, соопшти Министерството за образование на Северна Македонија.

Додека Министерството е задоволно од резултатите од минатата учебна година, анкетата спроведена од Сојузот на средношколци во Северна Македонија го оцени квалитетот на онлајн образованието со 1, на скала од 1 до 10. Претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, ги истакнува клучните причини за ова.

„Имаше проблем со концентрацијата, наставниците не беа доволно обучени како да одржуваат онлајн часови, а честопати и самите ученици не сакаа да се вклучат на онлајн часовите. Како заклучок, средношколците се соочија со три клучни проблеми: недостаток на концентрација, слабо обучен наставен кадар и неконзистентно спроведување на правилата“, вели Павиќевиќ.

Десет илјади ученици во Албанија без пристап до онлајн настава

Пристапот до образование беше проблем и во Албанија. Според информациите на надлежните институции за образование, „за време на првиот карантин поради пандемијата, во март 2020 година, институциите идентификувале околу 10 илјади ученици кои немале пристап до онлајн настава“.

Поради оваа причината, Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) ги охрабрува земјите да работат на обезбедување еднаков пристап до образование при евентуални кризи во иднина, бидејќи велат дека затворањето на училиштата не е ограничено само за време на пандемијата на Ковид-19, туку може да се случи поради многу други фактори. Според УНИЦЕФ, достапните докази упатуваат на тоа дека околу 30 проценти од учениците ширум светот не се во можност да учат од далечина. Бидејќи пандемијата со Ковид-19 сè уште е тековен глобален проблем, онлајн наставата или наставата од далечина ќе продолжи да игра важна улога во образованието во блиска иднина.

Во извештајот на Европската комисија за образованието, исто така, се констатира дека пандемијата на Ковид-19 влијаела на образовниот систем во сите три земји.

Северна Македонија и Албанија се делумно подготвени, но Косово е во рана фаза на подготовка. Квалитетот на образованието и понатаму е слаб и треба значително да се подобри во Косово. Ова се дел од заклучоците кои се наведени во извештајот. Во овој извештај, исто така, наведено е дека Албанија се соочила со земјотрес, а системот не бил подготвен за тоа – професорите не биле доволно обучени и почувствувале недостиг од наставни практики за да се обезбеди ефективно учење на далечина.

Во извештајот за напредокот наведено е дека трите земји треба да го подобрат пристапот до квалитетно образование за сите, особено децата со попреченост и децата од ромските заедници, како и да ја подобрат поддршката за обука и професионален развој на професорите.

Влијанието на пандемијата врз менталното здравје на децата

Пандемијата не предизвика само потешкотии за учениците во процесот на учење. Таа влијаеше и на нивните емоционална состојба и ментално здравје. За учениците, пандемијата значеше итно затворање во домот, без меѓусебен контакт, а сето ова беше придружено со емоции како што се страв, осаменост и песимизам.

Некои од родителите со кои разговаравме велат дека тоа што децата поминувале многу време дома, пред компјутер, немајќи можност да се дружат и лично да комуницираат со пријателите и наставниците, влијаело на нивното расположение, дисциплина и однесување.

Јана Јанески Ристески е родител на две ученички. Таа вели дека освен образованието, загрижена е и за влијанието на пандемијата врз менталното здравје на нејзините децата.

„Мислам дека најголемиот проблем е комуникацијата меѓу нив. Тие се ограничени и тоа многу лошо влијае на нивниот понатамошен развој. Можат да стекнат знаење на многу начини, но можноста за дружење е за жал недостапна за овие генерации. Тие немаат многу можности да се дружат или да имаат нормална комуникација, а тоа ќе остави трајни последици врз нивното ментално здравје“, вели таа.

Дипломски забави, прослави за крајот на учебната година – сите овие радосни моменти во училишните години им беа скратени на учениците за време на пандемијата.

Ова резултираше со негативни емоции како осаменост, стрес, песимизам и замор, кои преовладуваа кај голем број ученици, забележуваат психолозите.

„Анксиозноста и депресијата беа најчестите проблеми со кои се соочуваа лицата што побараа помош од психотерапевт. Неизвесноста и стравот за иднината се основни одлики на анксиозноста. Домашниот престој без контакт со луѓе и песимизмот за ситуацијата поттикнуваат депресивни мисли. Нарушувањата на спиењето беа, исто така, дополнителен проблем со кој се соочуваа поединците кои побараа помош од психотерапевт. Се разбира, бројот на поединци што побараа помош е зголемен“, вели Мањола Чолаку, психотерапевтка од Албанија.

Психотерапевтка за КБТ, Мањола Чолаку

„Не правам поделба меѓу учениците и студентите кога бараат помош. Јас лично имав повеќе возрасни пациенти. Учениците, особено оние во фаза на пубертет/адолесценција, се потешки за лекување“, продолжува Чолаку.

Од почетокот на оваа учебна година, повеќето влади одлучија повторно да ги отворат училиштата, иако пандемијата сè уште не е завршена. Заклучокот беше дека ништо не може да ги замени училниците и физичкото присуство во училиштата. И наставниците и учениците беа воодушевени што се вратија во училниците, иако тоа подразбира почитување строги заштитни мерки и протоколи поради пандемијата.

Сега, кога предавањата се во училница, сѐ изгледа полесно. Со маска на лицето, Г. повторно учи во градската библиотека со другарките и ужива во студентскиот живот. Таа не може да замисли да се врати во изолација и да учи математика сама, пред компјутер.

Ноември 2021 г.