МВР денеска организираше голема полициска акција и во неа приведе 10 лица од Куманово, Скопје и Тетово, меѓу кои има и полициски и царински службеници.
Информациите се дека деветмина се сомничат дека извршиле кривично дело криумчарење, а тројца од нив за неовластена трговија со прекурсори. Кај еден од нив бил пронајден и одземен кокаин.
„По преземени повеќемесечни мерки и активности по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје спроведена е голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје, при што се лишени од слобода десет лица, и тоа Б.А.(35), М.А.(40), И.А.(45), И.Ф.(47), А.А.(43), сите од Куманово, А.Ж.(53), Т.Т.(54), Д.К.Ш.(43), Џ.Ш.(36), од Скопје и Љ.Љ.(36) од Тетово, меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници. Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај А.А. бил пронајден и одземен кокаин“ – соопштија од МВР.
Минатиот месец четворица од нив, меѓу кои двајца полицајци, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница меѓу нашата држава и Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката.
Јавното обвинителство соопшти дека надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против деветте лица од кои двајца полициски службеници и петмина царински службеници.