Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија – Зоран Заев и Еди Рама испратија отворено писмо за Западен Балкан во кое се наведува дека Европа не е континент, туку визија, дека граѓаните на Западен Балкан, како составен дел на континентот и визијата, се предолго изоставени.
„Желбата на нашиот народ да биде прифатен од членките на ЕУ повторно и повторно беше попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината. Тоа резултираше со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции. Ние, како лидери на нашите земји, можеме да одлучиме да се жалиме на тоа, или можеме да одлучиме да направиме нешто во врска со тоа. Ние го избравме второто“ стои меѓудругото во писмото.
Тројцата државници порачуваат дека нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст на целиот регион. Посочуваат дека Иницијативата е отворена за сите членки на Западен Балкан.
„Имаме свои разлики, не се согласуваме за некои политички прашања – но сите се согласуваме дека економијата и четирите европски слободи се начин да му понудиме на нашиот регион надеж и траен мир“ – се потенцира во писмото.