
Почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце – делницата од 10,5 км ќе има 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници
Почнаа градежните активности за втората фаза од автопатот Скопје - Блаце во должина од 10,5 километри, која треба да биде готова за четири години и да се спои со веќе изградените 1,5 километар автопат во близина на ГП Блаце. На автопатот ќе има 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕида. Ќе има две коловозни ленти, секоја по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од 27,5 метри. Ќе го гради домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје.
Почнаа градежните активности за втората фаза од автопатот Скопје – Блаце во должина од 10,5 километри, која треба да биде готова за четири години и да се спои со веќе изградените 1,5 километар автопат во близина на ГП Блаце. На автопатот ќе има 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕида. Ќе има две коловозни ленти, секоја по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од 27,5 метри. Ќе го гради домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје.

Автопатот Скопје – Блаце, како што беше посочено денеска на поставувањето на камен-темелникот во присуство на премиерите на Македонија и на Косово, Христијан Мицкоски и Аљбин Курти, министри, претставници на кредиторите, амабасадори, ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата. Постојниот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и другите граѓани.

Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант-средства за проектантите Hill International и ADT Omega.
Премиерот Мицкоски истакна дека овој проект бил меѓу приоритетите на Владата од нејзиното формирање пред 25 месеци. Почетокот за изградбата на автопатот според него е историски зашто денеска станува реалност – почнува да се реализира иако, рече, повеќе од две децении проектот бил претставуван како „само што не почнал да се реализира“.

– Ќе биде од особено значење за граѓаните на нашите две земји, Република Косово и Македонија, ќе значи подобро поврзување, подобар транспорт и размена, нешто што е исклучително важен атрибут во 21 век и е во корелација со стратешките приоритети на Владата – бидејќи како држава не излегуваме на море, да бидеме крстосница на два значајни европски коридори: 8 и 10 – рече Мицкоски, кој потенцира дека Владата го реализира ветувањето за овој клучен приоритет за кој очекува значителен напредок на терен и изрази задоволство што македонска компанија ќе ги изведува градежните работи.

Неговиот косовски колега Курти оцени дека автопатот Скопје – Блаце е модерна врска меѓу двете земји. – Многу поважно од зајакнувањето на ифраструктурната врска помеѓу Косово и Северна Македонија е тоа што ќе се скрати далечината, ќе се олесни протокот и ќе се создадат нови можности за соработка меѓу граѓаните и економиите на нашите земји – порача Курти.
Според заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, проектите, како автопатот Скопје – Блаце, се резултат на јасната политика и визијата на Владата за развој на државата.
Николоски оцени дека почнува нов проект, кој за неколку години ќе донесе дополнителен развој и силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, отворање кон пристаништетата Драч и Бар и уште повеќе зацврстување како крстосница на Балканот.
– Автопатска делница во должина од 10-ина километри се гради на исклучително комплициран терен. Ќе имаме 5 тунели, 8 моста, 4 галерии…. заедно со помалите објекти, вкупно над 40 објекти треба да се изградат на оваа делница. Иако во километри делницата е кратка, таа е доста комплицирана, со нејзиното завршување ќе имаме целосно автопатско поврзување помеѓу Скопје и Приштина, но исто така ги отвораме Скопје и Македонија кон најмалку две пристаништа. Ова е алтернативно поврзување со пристаништето во Драч, но исто така поврзување со пристаништето во Бар. Нашата визија како Влада е Македонија да стане инфраструктурно срце на Балканот – изјави Николоски.

Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали нагласи дека има проекти што градат инфраструктура и проекти што ја градат иднината, оценувајќи дека автопатот Скопје – Блаце ги гради и двете. – Секојпат има почеток и дестинација. Но, патот чии темели ги поставуваме денес, има и мисија: да ги приближува луѓето, да ги поврзува економиите и да создава нови можности за нашите граѓани. Од денес Северна Македонија и Косово ќе бидат поблиску една до друга не само на картата туку и во економијата, во соработката и во нашата заедничка европска перспектива – рече Сали.

Фатих Туркменоглу, шеф на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во државата, нагласи дека ЕБОР се гордее што го подржува овој проeкт со заем од 167,6 милиони евра. – Не беше лесно да се стаса до тука, беше многу напорно, сакам да му се заблагодарам на мојот тим што го донесоа проектот до тука – наведе Туркменоглу.
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, пак, истакна дека придонесот на Европската Унија не е само финансиски, туку е вкупна поддршка за постигнување на заедничките цели: поврзување на балканската рута со европската транспортна мрежа, поддржување одржлив економски развој и креирање можности за фирмите и поединците. – Подобри транспортни врски ни помагаат да се движиме непречено, земјите да се поврзуваат, синџирите на вредности се менуваат и се развиваат и се овозможуваат соработка и економски развој – порача Нупнау.

Тој истакна дека подобрата инфраструктура создава подобри врски, поврзаноста можности, а соработката помага ваквите можности да се претворат во придобивки. – Европската Унија ги поддржува Северна Македонија и соседите на патот кон подобра интеграција, при што Западен Балкан ќе стане поповрзан и поконкурентен и ќе биде важен дел на поконкурентна Европа бидејќи оваа инвестиција не се однесува само за подобрување на инфраструктурата, туку ја подобрува конкурентноста на целиот регион и ги подобрува вредносните синџири во Европската Унија – рече Нупнау.
Според Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) – главен носител на проектот, со поставувањето камен-темелник на автопатот, се поставува темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа.
– Со почнувањето на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од приближно 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Со изборот на „Гранит“ за изведувач се создадоа конкретни услови за поставување на овој камен-темелник. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што нè поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и со Србија преку Косово – рече Трајановски.
Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој на 6 јули годинава потпишаа договор за грант за изградба на автопатот Скопје – Блаце откога во јуни беше објавено дека „Гранит“ ќе е избран за изведувач на работите на тендерот што го спроведе ЈПДП.
Фото: МИА, Министерство за транспорт, Влада
