
Затворен предметот за модуларните болници, нема кривично дело
Нема штета на буџетот и нема дејствија од членот 353, злоупотреба на службената положба. Нема пречекорување, нема неизвршување на службена должност. Светска банка во дел ги пофалила, во дел давала препораки, изјави обвинителката Верица Бержетцка Крстева
Додека власта речиси секојдневно во партиски соопштенија го обвинува лидерот на опозицијата и поранешен министер за здравство Венко Филипче за криминал со изградбата на модуларните болници за време на ковид-кризата,
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), по пет години од отворањето на предметот, го затвори во предистрага и не најде никаков криминал во изградбата на овие помошни болници, откако во една во Тетово изгореа 14 пациенти.
– Нема штета на буџетот и нема дејствија од членот 353, злоупотреба на службената положба. Нема пречекорување, нема неизвршување на службена должност. Светска банка во дел ги пофалила, во дел давала препораки – децидна беше обвинителката Верица Бержетцка Крстева на брифингот со новинарите, на кој ја соопшти одлуката заедно со шефот на Обвинителството, Ислам Абази.
Анализирана е обемна документација
И тој и обвинителката објаснуваа дека била прибрана и анализирана обемна документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Бирото за јавни набавки, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Владата, ОЈО Тетово и други институции. Анализирани биле постапките за јавни набавки, техничките спецификации, договорите, проектната документација и релевантната законска регулатива.
Всушност, произлегува дека биле набавени во крајна итност во ковид-кризата, излегувале од процедура, затоа што конкретно и процедура нема, односно тоа законски им било дозволено во една ваква криза.