
СДСМ е подготвен за избори во секој момент, со тим и програма, но нема да прифати да биде алиби за политичките потези на премиерот Христијан Мицкоски, порача лидерот на партијата Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче истакна дека СДСМ секојдневно се подготвува за следните избори, без оглед на тоа кога ќе бидат одржани.
„Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго“, рече Филипче.
Тој нагласи дека партијата има подготвен тим и програма, а во текот на следниот месец најави и претставување на „Мастер план за Македонија“.
Според Филипче, планот ќе содржи пет или шест конкретни чекори, јасно дефинирани ветувања и контролни механизми преку кои граѓаните ќе можат да го следат исполнувањето на преземените обврски.
„Спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика Мастер план за Македонија. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во кои што, ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми, тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата да ги имплементираме. Ете, тоа ќе биде нашиот план“, порача лидерот на СДСМ.