
Извршен одбор на СДСМ: Повикуваме на дебата во партијата, нема простор за вештачки поделби и дефокусирање
Упатуваме порака до целокупното членство, симпатизерите и активистите – партијата е силна, стабилна и има длабок корен. Во овој клучен момент, нема простор за вештачки создадени поделби, дефокусирање или внатрешни сопнувања, велат од СДСМ.
Извршниот одбор на СДСМ донесе заклучок јавно да ги повика на дебата во партијата сите поединци или групи – да дискутираат заедно, за како што велат, борбата против криминалната власт на Мицкоски. Извршниот одбор, како што се наведува во соопштението по партискиот состанок, оцени дека секоја дебата којашто се однесува на СДСМ треба да се води во партијата, пред органите и телата, а не надвор од неа.
„Вратите на СДСМ се отворени за секој што и мисли добро и што споделува прогресивни вредности. Само низ дијалог и соочување на аргументите внатре во партијата може да се разговара, не преку медиуми, не преку вонпартиски иницијативи и платформи кои и прават штета и ја рушат партијата од внатре. Нашата заедничка цел е јасна – СДСМ се престројува и се подготвува за силна, бескомпромисна и организирана борба против погрешните социјални, економски и политички деструктивни политики на ВМРО, кои туркаат државата во изолација, а граѓаните во длабока сиромаштија“, велат од СДСМ.
Време е за збивање на редовите, за храброст и за одлучна борба против расипничката власт, се наведува во објавата од СДСМ, во која ги повикуваат и сите социјалдемократи и прогресивни сили, да застанат „рамо до рамо“.
„Упатуваме порака до целокупното членство, симпатизерите и активистите – партијата е силна, стабилна и има длабок корен. Во овој клучен момент, нема простор за вештачки создадени поделби, дефокусирање или внатрешни сопнувања. Единството е нашето најсилно оружје. Разликите во размислувањата се наша предност, но целта ни е и треба да ни остане заедничка – Фронтот за вистина и правда“, порачуваат од СДСМ.
Заклучоците на Извршниот одбор на СДСМ и повикот за обединување, следуваат по неколкудневните реакции и обвинувања кон учесниците во „Разговори за иднината 12:05“.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче во неколку наврати ја критикуваше иницијативата, оценувајќи ја како намера за поткопување на партијата, нарекувајќи ја „Проект ЗНАМ 2.0 – платформа за иднината на Мицкоски“. Според Филипче, внатрешните превирања во СДСМ доаѓаат во исклучително незгоден момент кога партијата поминува низ макотрпен процес на обнова на општинските организации и телата по тешкиот изборен пораз. Тој нагласи дека секое дејствување надвор од партиските рамки не само што ја слабее опозициската позиција туку директно му дава „кислород“ на владејачкото мнозинство, овозможувајќи му да владее без соодветен притисок врз неговите погрешни политики.
„Секогаш сум спремен за разговор. Секогаш сум спремен за дијалог. Не за исклучување. Секогаш сум спремен, ако некаде грешам, да се коригирам. Јас сум свесен дека никој не е најпаметен. Можеби јас како претседател на партија имам најмногу информации и како претседател на голема партија ги знам сите трикови. Ама сум спремен да го модифицирам моето мислење, став, политика ако некаде грешам, ако некое мнозинство, мини-мнозинство, некоја група во партијата смета дека треба нешто поинаку да се направи. Ама ние не слушнавме алтернатива“, кажа Филипче.
На 1 јули Ппод името „Разговори за иднината во 12:05“, беше промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава. Првата сесија се одржала зад затворени врати почитувајќи го традиционалното демократско начело „Chatham house rules“. На неа биле собрани учесници поделени во три неформални групи на општествени чинители: влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле партиски членови, гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.
Модератор на дебатата бил Игор Ивановски, а меѓу потписниците и учесниците на оваа иницијатива се социјалдемократи, правници, професори и активисти, меѓу кои се Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Александар Бајдевски, Славјанка Петровска, Сашко Митревски, Моника Зајкова, Ненад Марковиќ, Предраг Трпевски, Звонко Давидовиќ, Валентин Пепељугоски, Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Милена Стевановиќ, Ема Нешковска, Стојко Пауновски, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Милена Цветановска, Сретен Богоевски и Горан Стојковски-Диро, кој учествувал со писмено обраќање.