
Од „Здрава Котлина“ реагираат дека Владата распишала продажба на рударски концесии за цела источна Македонија и дека тоа како одлука било објавено во Службен весник.
„Новата Одлука на Владата бр. 57-4047/9 од 30 јуни 2026 година, објавена во „Службен весник“ и потпишана од заменик-премиерот Љупчо Димовски, не е ништо помалку од декрет за претворање на нашата татковина во рударска колонија.
За да се одбраниме, мора да ја разбереме подлоста на планот кој се спроведува зад грбот на народот. Ова не е обично геолошко истражување, туку прецизно скроена еколошка опсада:
– Монструозна густина на мал простор: Преку Членот 3 од оваа владина одлука, во еден единствен простор („Исток“) се набиваат дури 27 општини – од Куманово и Кратово, преку Велес, па сè до Валандово, Гевгелија, Босилово, Василево, Струмица и Ново Село. Распродажбата на проспекциски концесии со толкава концентрација на толку мала и густо населена територија значи свесно укинување на животниот простор на македонскиот земјоделец.
Измамата со „само истражување“: Високите структури на власта лажно ве спинуваат дека „сега само се пребарува, а не се отвораат рудници“. Тоа е најобична лага за смирување на масите. Секој уништувачки рудник во историјата започнал токму вака, со проспекција која утре ќе послужи за уцена на државата со „арбитража“, „веќе потрошени пари“ и „требало порано“ да се буниме.
Законскиот атентат врз сопственоста: Оваа одлука за проспекции совршено се поклопува со подмолните измени на Членот 55 од Законот за минерални суровини, кои беа насила во скратена постапка турнати во Собранието во април, а на кои здруженијата од цела Македонија бурно реагираа уште во април. Со тие измени му се дозволува на концесионерот да добие Дозвола за експлоатација и да почне да копа на туѓа, приватна земја пред постапката за експропријација да биде завршена. Вашиот приватен имот и дедовина со закон се поништени во корист на приватниот профит. Ели Панова како пратеничка од Струмица тек ќе биде на тапет за оваа лакрдија“, реагираат екоактивистите.
Од „Здрава Котлина“ додаваат дека потегот е сличен на владата на Никола Груевски и Владимир Пешевски од 2014 година, кога со сличен декрет, како што велат, биле дадени концесии за истражување во 22 општини во Источна Македонија, предавајќи им една четвртина од државата на странски корпорации кои бараа металични суровини.
„Тогаш само благодарение на масовната сплотеност на граѓаните од југоисточна Македонија, кои преку протести и референдуми кажаа НЕ за рудници во Гевгелиско, Валандовско, Струмичко беше спречена катастрофата.
Уште пожестоко боли фактот што зад овие рударски зделки секогаш стојат истите поединци од високата власт кои претходно глумеа дека го штитат земјоделството:
Поранешниот министер за земјоделство Ацо Спасеновски беше клучната фигура зад пропаднатиот рудник Казандол во Валандово преку компанијата „Сардич“. Кога државата го раскина тој штетен договор поради неисполнети обврски, овие инвеститори ја тужеа сопствената земја пред меѓународен суд, барајќи дури 380 милиони евра директно од вашите џебови. Многу патриотско нели…
И Спасеновски и актуелниот потписник на оваа најнова рударска офанзива, заменик-премиерот Љупчо Димовски, во минатото беа под тешки кривични истраги токму за злоупотреби со доделување на државно земјоделско земјиште. Додека Спасеновски тогаш заврши во куќен притвор, Димовски бесрамно се спаси од одговорност криејќи се зад пратеничкиот имунитет. Денес, истиот тој човек ја потпишува одлуката со која половина Македонија се претвора во рударско решето. А што е со западна Македонија?“, сметаат од здружението.
Од таму ги повикуваат Општинските совети во општините без одложување да ги активираат своите одлуки за задолжително негативно мислење на секое пристигнато барање за проспекција.
Се најавува и граѓанска самоорганизација на терен со формирање на локални одбори за будност во секое село и во секој град низ Југоистокот и пошироко.
„Мора да бидеме подготвени за брза реакција во моментот кога првиот нелегален багер ќе се обиде да згазне на приватна сопственост. Целосна децентрализирана и хоризонтална организација на автономни јадра кои свесно ќе делуваат единствено во корист на каузата против рударењето во нашиот реон“, пишува во соопштението.