ССМ го реализираше најавениот генерален штрајк во јавниот сектор, со барања за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес на годишен одмор.
Пред Законодавниот дом вчера поставија 120 празни столчиња сакајќи да ги потсети пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите, а за денеска најави дека ќе постави 21 столче пред Владата.
Штрајкот ќе се одвива секој ден од 10 до 11 часот, така што вработените во јавниот сектор во тој период ќе го прекинат работниот процес и ќе излезат надвор, а само десет проценти од нив ќе работат онаму каде што е потребно за итни случаи.
Од Синдикатот се задоволни од текот на штрајкот кој најавија дека ќе трае се до исполнување на барањата. Претседателот на ССМ Дарко Димовски вчера изјави дека само во едно претпријатие на почетокот на штрајкот е забележан притисок врз вработените, а ги пофали одредени институции и претпријатија кои веќе почнале да се потпишуваат спогодби за вработените да добијат 2.806 денари од 1 јули.
„Значи, имаме и таква и ваква ситуација, но на крајот на денот во 13 часот нашите регионални секретари ќе поднесат извештаи и секаде онаму каде што ќе се прави пресија врз работниците и штрајкувачките одбори истото ќе се случи како завчера со пратениците, јавно ќе ги објавиме тие директори и управители или носители на тие функции што ни прават пресија за да не штрајкуваме“ – изјави Димовски.
Од Владата, пак, стојат на ставот дека треба да се зголемат платите, но велат дека мора да се најде одржливо решение, а не проблемите да се решаваат со ад хок решенија.
„Општиот колективен договор и социјалниот дијалог за Општиот колективен договор треба да продолжи и ќе продолжи и таму да го најдеме системското решение, а тоа е нова методологија која ќе биде вклучена во Општиот колективен договор и која што ќе значи системско решавање на проблемот со платите во јавниот сектор, односно континуирано зголемување на платите на вработените во јавниот сектор“ – порача вчера министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Според неа, линеарното покачување на платите за 2.806 денари не е решение.
– Владата покажува политичка волја, подготвеност да најдеме решение и повикуваме да продолжиме со социјалниот дијалог за да дојдеме до решение кое ќе го реши проблемот на вработените во јавниот сектор, рече Тренчевска.
Уверува дека институциите се функционални за време на штрајкот и дека во Министерството за труд и социјална политика вчера никој не пријавил дека штрајкува.