Груевски во Унгарија има консултантска фирма со редовни приходи

Фирмата нема вработени, а ланската година ја завршила со профит од 5 600 евра, објави унгарскиот портал „444“ Вчера пак, истражувачкиот портал „ВиСквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада, објави дека Груевски добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.

Добар пријател на Виктор Орбан, осудениот Македонец – Никола Груевски, кој избега во Унгарија во 2018 година и доби статус на азилант, започнал сопствен бизнис во летото 2021 година и основал консултантска компанија под името I.C.I.C Kf.

Вака унгарскиот портал „444“ ја започнува сторијата за фирмата на експремиерот Никола Груевски во Унгарија.

Според порталот, станува збор за мини-бизнис, бидејќи нема вработени. И покрај фактот дека воопшто не пораснал во последните 5 години, ништо не ја загрозува неговата стабилност, анализира порталот.

Годишните извештаи сугерираат дека Груевски можеби има фиксен клиент кој му плаќa секоја година за неговите совети.

Минатата година, компанијата имала приход од 3,4 милиони форинти (околу 9 600 евра), по 4,1 милиони претходната година (околу 11 600 евра).

Бидејќи консултанството воопшто не може да се нарече трошковна активност, значителен дел од приходите остануваат како профит секоја година.

Во 2025 година, поранешниот премиер остварил профит од 2 милиони (околу 5 600 евра).

Сепак, за разлика од 2024 година, овој пат тој не го подигнал ова како дивиденда, туку го остави во компанијата, од која инаку подигнал вкупно 16,2 милиони форинти (45 800 евра) дивиденда од нејзиното основање во 2021 година.

Порталот пишува дека до денес не е познато со кого осудениот експремиер имал деловни односи. Сè што е познато е дека тој имал особено добри односи со Орбан, како што имал и со поранешниот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. Вториот редовно го примал Груевски во својата канцеларија за да побара негов совет за прашања поврзани со Западен Балкан. Според министерот, тој бил оној од кој може да ги добие најсигурните информации за регионот, бидејќи бил премиер 10 години.

Вчера, истражувачкиот портал „ВиСквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада, објави дека Груевски добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.

Според порталот, Груевски и понатаму престојува во Унгарија, а добивањето државјанство значително ја отежнува можноста за негова екстрадиција во Северна Македонија.

Од Министерството за правда вчера соопштија дека „независно од шпекулациите и неофицијални информации дека поранешниот премиер Никола Груевски стекнал унгарско државјанство, тој и натаму останува македонски државјанин и постапката за негова екстрадиција продолжува“.

Груевски е во фокусот на домашните и унгарските медиуми, по изјавата на новиот премиер на Унгарија, Питер Маѓар, кој по победата на тамошните избори во април годинава, порача дека неговата земја веќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.

Експремиерот Груевски избега во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „мерцедес“, вредно околу 600 000 евра.

Ја напушти државата преку Албанија, а потоа преку Црна Гора и Србија стигна во Унгарија, каде што подоцна доби политички азил.

Ако се врати во земјава треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета.

Треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, дело што застарува во 2043 година.

Во меѓувреме, активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир 2“.