
Најмалку 11 лица загинаа, а осум се повредени во серијата израелски воздушни напади врз три населени места во регионот Тир, на југот на Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.
Меѓу загинатите има спасувач и сириски државјанин, додека бројот на жртви може дополнително да се зголеми поради обемот на разурнувањата предизвикани од нападите.
По нападите, либанското Министерство за здравство остро реагираше, оценувајќи дека станува збор за „флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право“ и покрај примирјето кое, според официјален Бејрут, е во сила од 17 април.
Израелските власти, пак, тврдат дека цел на операциите биле позиции и инфраструктура поврзани со движењето Хезболах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската армија продолжила да напредува подлабоко на либанска територија, паралелно со интензивирањето на воздушните напади.
Во меѓувреме, израелската војска издаде наредби за евакуација на повеќе села во јужен Либан и соопшти дека извела напади врз повеќе од 30 локации.