
Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди на 27 мај на 54. „Мајски оперски вечери“
Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, на 27 мај ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет во рамки на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува длабоко човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.
Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, на 27 мај ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет во рамки на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува длабоко човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Теа Пурцеладзе (Грузија), во улогата на Алфред Жермон – Алесандро Фантони (Италија), Жорж Жермон – Бадрал Чулунбатар (Монголија). Во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Операта „Травијата“ е едно од најзначајните и најизведуваните дела во светската оперска литература, напишана од Џузепе Верди во 1853 година и за првпат изведена истата година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција. Создадена според романот „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот, операта и денес се смета за едно од клучните дела на репертоарот, кое со својата силна драмска линија и емоционална длабочина останува актуелно на сцените ширум светот и кај нас.

Диригент е гостинот од Унгарија, Гергељ Кесељак, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска, наведуваат од Националната опера и балет.