
СДСМ ќе поднесе кривична пријава и интерпелација против Гаши, нема да учествува во расправата за новото задолжување
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, денеска најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради континуираното кршење на Деловникот и злоупотребата на функцијата од страна на Гаши.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, денеска најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради континуираното кршење на Деловникот и злоупотребата на функцијата од страна на Гаши.
Тој исто така најави дека најголемата опозициска партија нема да учествува во работата на матичната комисија за Финансирање и буџет во расправата за новото задолжување од 260 милиони евра. На паралелна прес – конференција, пак, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски рече дека намерата за интерпелација е „политички производ кој што е очаен“, а неучеството на СДСМ во расправата за новото задолжување дека не е ново за опозициската партија.
СДСМ смета дека претседателот на Собранието, Африм Гаши го прекршил собранискиот Деловник бидејќи свикал седница на Комисијата за финансирање и буџет и покрај присуството на претседателката на комисијата Сања Лукаревска која е од редовите на опозициската партија. За Филипче станува збор за скандал кој не е нов и кој претседателот на Собранието веќе континуирано го спроведува,
„Кршејќи го Деловникот, закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет — комисија што ја води нашата пратеничка Сања Лукаревска — и покрај тоа што таа е тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува. Кога пратеникот е тука, тој задолжува друг пратеник да ја води оваа комисија“, рече Филипче.
Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и со тоа го крши Деловникот, тој најави дека СДСМ ќе поднесе кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието.
Филипче нагласи дека ваквото однесување станува пракса и претставува директно прекршување на собраниските процедури и правила.
„Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и со тоа го крши Деловникот, најавуваме дека ќе поднесеме кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието“, изјави Филипче.
Зборувајќи на прес конференцијата за новото задолжување, Филипче рече дека владата на Христијан Мицкоски ја турка земјата во должничко ропство.
„Последниот предлог е да се земат 300 милиони евра од банки, но банките на Владата не ѝ ги дозволија, што укажува на веќе постоечки сомнежи во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволи кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од близу 4,5%“, рече Филипче.
Тој го постави прашањето каде одат овие пари, посоќувајќи дека нема редовна исплата на плати по јавните институции, како и дека нема ниту размислување, а камоли најава за зголемување на минималната плата.
„Се доцни со социјалните трансфери, се доцни со повратот на ДДВ кај компаниите кои се месечни и тримесечни обврзници. Вкупната сума на пари што оваа Влада им ја должи на компаниите за поврат на ДДВ изнесува близу 200 милиони евра. Овие пари одат само за партиски тендери. И тоа е единственото нешто што добро функционира кај оваа власт“, рече Филипче.
Тој додаде дека вкупниот долг се зголемува опасно како и дека за само две години задолжувањето на земјата е зголеменено за 2 милијарди евра.
„Вкупниот долг, кој беше 8,5 милијарди евра во 2024 година, сега е близу 11 милијарди евра. Се поставува прашањето: има ли оваа власт компас? Има ли идеја, има ли визија каде и како ја води државата?“, рече Филипче.
Поради сево ова, како што посочи, пратеничката група на СДСМ нема да учествува во ова, како што го нарече „брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми, стотици милиони евра, милијарди евра пари, кои не одат никаде, освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки“.
„Слободно нека поднесат, не е прв пат СДСМ да изгуби спор за искажани лаги во јавноста“, рече Стојановски, за прашан за коментар за најавата на СДСМ за поднесување кривична пријава и интерпелација за Гаши.
Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите изјави на опозицискиот лидер ги оценија како „лаги и инсинуации“, како и дека „кога треба аргументите да се соочат таму каде што им е местото, на собраниската Комисија, нив едноставно ги нема“.
„Прво, се тврдеше дека во салата 4 нема просторни услови, односно нема каде да се седне, обезбедивме место. Потоа, се тврдеше дека заемот е ставен како втора точка на дневен ред, ја ставивме како прва точка“, истакна на прес конференција пратеникот Бојан Стојановски.
Тој рече дека кога дошол моментот аргументите да се соочат таму каде што им е местото, во Собранието, СДСМ одлучи да го направи „она што го прави со месеци и години наназад: да избега од дебата“.
Според него новото задолжување од 260 милиони евра, било важно затоа што станувало збор за „најповолни можни услови кои во моментов се достапни на пазарот, и убедливо најповолни услови што некоја земја од регионот ги има обезбедено“.
Понатаму, како што посочи Стојановски, со овие средства ќе продолжела интензивната реализација на капиталните инвестиции, растот на бруто-домашниот производ, дека ќе се финансираат: повисоки плати, повисоки пензии, изградба на три автопати, брза железница и реконструкција на постојните пруги, нови болници и училишта, како и продолжување на реализацијата на над 1.200 капитални проекти низ државата.
„Но, она што е можеби најважно, и што претставува крунски доказ зошто СДСМ денес не учествува во расправата, е фактот дека дел од овие средства се наменети за отплата на еврообврзница земена во 2020 година, која доспева за плаќање во јуни“, рече Стојановски.