Претседателот на Бугарија – Румен Радев вели дека францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции е чекор во правилната насока, ама смета дека остануваат неколку прашања кои што треба да бидат разјаснети пред да биде кренато бугарското вето.
„Предлогот на Француското претседателство е чекор во правилната насока, но остануваат редица прашања кои што треба да бидат разјаснети пред да биде кренато ветото“ – изјави Радев пред бугарските новинари.
Тој вели дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав пред почетокот на пристапните преговори со ЕУ е „задолжителен, но недоволен услов“. Ги повтори неговите ставови за „искоренување на децениската политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја“.
Го нападна бугарскиот премиер Кирил Петков дека не успеал да изработи бугарски предлог.
„Не може премиерот да внесува странски предлог без свое мислење. Тој не е курир, туку премиер“ – вели Радев.
Предлогот на Француското претседателство вчера беше доставен до комисијата за надворешни работи на бугарскиот парламент и таму треба да биде донесена одлуката дали ќе биде прифатен и ќе биде кренато бугарското вето за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија.