Димитров: Напуштени се црвените линии, ова е дипломатски дебакл!

„Напуштени црвени линии и дипломатски дебакл“.

Вака обвинува екс-министерот за надворешни работи – Никола Димитров по објавувањето на францускиот предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор и отворање на преговорите со ЕУ.

„Не знам што е пострашно, да им верувам на нашиве дека го немаат предлогот или да не им верувам. Ако не се во тек со предлог што се однесува на македонските маки со Бугарија, тогаш тоа е признание дека не си ја работеле работата за најважното прашање за нацијата. Ако пак го имаат, а велат го немаат, си играат со довербата на јавноста“ – вели Димитров.

Според него, предлогот на француското претседателство не носи подалеку, а не поблиску до членство во ЕУ.

„Клучното прашање е дали преку ваков договор сме поблиску до целта- членство во ЕУ. За мене, нема никакви дилеми. Со ваква рамка, ЕУ е подалеку од денес, кога се уште немаме почнато преговори. Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нѐ вратат назад” – смета Димитров.

Вчера „Дојче Веле“ објави детали од францускиот предлог кои се содржат во два документи, Преговарачката рамка и Предлог-заклучоците на Советот на ЕУ кои ги поднесува актуелното, француско, претседателство со ЕУ. За Димитров, целиот пакет е неприфатлив.

„Преговорите можат да се закочат во секој момент, не од Брисел туку од Софија и од тоа колку е таа задоволна од тоа како на пример ги имплементираме измените во учебниците. Па или не сме знаела да објасниме, или не сме биле убедливи, или најстрашно – сме давале сигнали дека ќе помине сѐ“ смета Димитров.

Димитров вели дека во целата ситуација има три прашања кои што бараат политичка одговорност.

„Прво, како тоа Владата ќе се согласи во името на 2/3 мнозинство во Собранието да гарантира внесување на Бугарите во Уставот. Второ, како тоа македонската страна ќе прифати бугарско малцинство во Македонија, кога бугарската страна уште има проблем со идентитетот на македонското мнозинство. Конечно, кога тоа се напуштила нашата црвена линија билатералните прашања да не станат дел од преговарачката рамка? Нели зборувавме цело време за португалскиот предлог? Таму овие прашања ги немаше никаде во рамката” – вели тој.

Смета дека со овој предлог, на Софија и се дава целосна власт врз нашата судбина.

„Затоа на овој предлог треба да се каже: благодарам не! Ќе чекаме европски пристапен процес. Верувајте, подобро е и са вас и за многу други идни земји кандидати. Дотогаш, ќе си работиме дома“, вели Димитров за „Дојче Веле“.