Средба Ковачевски–Ердоган во Истанбул: Односите меѓу двете земји се одлични на економски план!

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Истанбул се сретна со претседателот на Турција – Реџеп Таип Ердоган.

На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Беа констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Ковачевски на средбата со Ердоган изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.

Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата, се одлични во полето на економската соработка.

Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од 8-то место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде 6-тото место на листата најзначајни трговски партнери на Северна Македонија.

На средбата беше потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Ковачевски му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на С. Македонија во НАТО, која од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.