
Проф. д-р Чупеска: Картелизација: Скриен бакнеж на квази-автократот
Зошто се будиме во стагнација? Зошто политиката овде е веќе подолго време еден мачен, замрзнат кадар од филм кој никако да заврши? Ако мислите дека одговорот е во „неспособноста“ на актерите, се лажете. Тоа е површно, дури и наивно читање на реалноста. Вистинскиот одговор лежи во еден многу ПООПАСЕН, НАУЧНО ДОКАЖАН ФЕНОМЕН што во политичката наука го нарекуваме КАРТЕЛИЗАЦИЈА.
Пишува: Проф. д-р Ана Чупеска
Зошто се будиме во стагнација? Зошто политиката овде е веќе подолго време еден мачен, замрзнат кадар од филм кој никако да заврши? Ако мислите дека одговорот е во „неспособноста“ на актерите, се лажете. Тоа е површно, дури и наивно читање на реалноста. Вистинскиот одговор лежи во еден многу ПООПАСЕН, НАУЧНО ДОКАЖАН ФЕНОМЕН што во политичката наука го нарекуваме КАРТЕЛИЗАЦИЈА.
Притоа, не станува збор за теорија на заговор, туку за емпириски потврден механизам што хибридните режими – од Будимпешта до Белград – го користат, со цел НЕ да се уништи опозицијата, туку да се трансформира. Имено, од извор на алтернативна енергија, таа да се претвори во ПРАЗЕН АКУМУЛАТОР, кој системот го приклучува на полнач само тогаш кога му е политички згодно за да симулира демократија. Одговорно тврдам: ова што ни се случува не е обична органска слабост на опозицијата – како што малициозно се сугерира низ компромитираната јавност. Ова е системски инженеринг. ИЗВОРОТ НА ПАРАЛИЗАТА НЕ Е ВО СУБЈЕКТОТ, ТУКУ ВО КАРТЕЛИЗИРАНАТА ЛОГИКА НА ЦЕЛИОТ ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ.
Во ова наше доба, главната алатка на Квази-Автократот веќе не е пушката или занданата, оти тоа е демоде. Неговото омилено оружје е ХЕМИСКАТА СТЕРИЛИЗАЦИЈА НА АЛТЕРНАТИВАТА. Клучната цел не е да се убие опозиционерот, туку да се создаде ПСИХОЛОШКА АНЕМИЈА КАЈ НАЦИЈАТА. Режимот не ја исклучува опозицијата од апаратите; тој, напротив, ја прикачува на апарати за одржување во живот, дозволувајќи ѝ да биде сведок на сопствената парализа. Публиката, односно граѓаните, гледајќи го овој импотентен натпревар, полека но сигурно се пасивизира и губи интерес за претставата.
Овој процес на „заробување“ се одвива во две пеколни фази.
Првата е со КООПТАЦИЈАТА, која делува како примарна инфекција на политичкиот организам или, народски кажано – „затнување уста со алва“. Тоа е моментот кога најострите опозициски сабји се тапат со доделување на функции од типот „Советник за стратешка тишина“. Тие добиваат сјај, секретарка и канцеларија со поглед, но имаат влијание врз реалната политика точно колку и семафорот кај „Мавровка“. И, ова е веќе применет рецепт, видлив и во Унгарија на Орбан, по што следува и создавање на економски Левијатан кој ја исцедува независноста.
Втората, далеку поподмолна алатка, е т.н. „ЗАКОН КАКО ИНДУСТРИСКИ ЧЕКАН“ (LAWFARE). Режимот не ве апси веднаш за да не ве направи маченик, туку ве обвива во леплива бирократска пајажина од финансиски ревизии и бескрајни судски процеси. Опозицијата е натерана да се трансформира во правно-сметководствена служба, чија креативна енергија е целосно исцедена на одбрана од измислени афери.
Трагедијата на оваа „картелизација“ кулминира во моментот на изборите, секако. Вистинското “соучесништво” се случува тогаш кога опозицијата, без јасен ултиматум, влегува во трка на терен кој е однапред систематски и системски контаминиран. Со секој таков изборен циклус, режимот забива уште еден клинец во смртниот ковчег на демократијата, а опозицијата, со самото учество, несвесно го полира клинецот. Таа станува потписник на сопствената политичка смртна пресуда, оставајќи фатален впечаток дека ја прифатила својата судбина да биде вечно втора, неопходен декор за одржување на фасадата на плурализмот.
Што се случува потоа?
Следува она што го именуваме како СТРАТЕШКА ПАРАЛИЗА, т.е. остварен сон на секој автократ.
Сепак, токму тука лежи шансата. Оваа наметната парализа може да се претвори во најсилното оружје преку позиција на стратешко повлекување. Ако институционалниот театар (Парламентот) е само сценографија за монодрама на власта, тогаш најлогичниот, најхрабриот чекор е да се напушти сцената. Зарем не?!
Уште повеќе, ова не е некоја теоретска апстракција, туку историски докажан метод: од Венецуела во 2005 до Србија во 2020, се покажа дека е апликативно, односно дека „нема претстава без публика“.
Севкупната опозиција мора да престане да биде плацебо и да стане лек. Тоа подразбира мораториум за секое некорисно учество во институциите кои служат како машина за мелење месо и пренасочување на енергијата кон градење алтернативни структури. Но, пред нешто такво, потребен е и морален преокрет. Бидејќи, интегритетот е единствената валута што режимот не може да ја испечати и не може да ја купи. Опозицијата мора да се претвори во оперативен систем на вредности, демонстрирајќи институционална супериорност преку стратешко дистанцирање од „правилата на игра“ на режимот, и тоа е единствениот начин таа да престане да биде декор во системот и да стане негова суштинска алтернатива.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“