Александар Бежовски
Сосема очекувани резултати на локалните избори во неделата.
Честитки за победниците, но и големо разочарување — по којзнае кој пат — од неопределените кои веќе 35 години не излегуваат на гласање. Со тоа дозволуваат државата да се управува со само 300 илјади гласа.
Лично, погрешив само во проценката за Општина Центар. Како и повеќето граѓани и аналитичари, имав впечаток дека е „продаден“ случај, исто како и Струмица.
Сепак, и покрај нападите од некои стари членови врз Горан Герасимовски — дека ги издал партијата и членовите — токму тоа што успеа да освои повеќе гласови како градоначалник отколку самата партиска листа е неговата најголема предност. СДСМ во моментов и нема подобра опција, партијата мора да се консолидира околу него.
Останувањето на Филипче или извлекувањето на некој стар лик од транзицијата — па макар бил олигарх или син на поранешен функционер — би било ветер во едрата на растечката Левица и финализирање на процесот за „пасокизацијата“ на СДСМ, како што милува да каже Апасиев.
Но, мора да се признае дека Апасиев добро ги научил тактиките од членувањето во ВМРО–ДПМНЕ. Кандидатот за градоначалник на Скопје не смееше да го засени лидерот, особено во услови кога јавноста остро ги критикува функционерите со сомнителни дипломи и докторати. Тој понуди вечен студент.
И не дека докторите на науки донесоа прогрес за Македонија — освен што ниту еден универзитет не котира на Шангајската листа, а тука секако, мора да се споменат и лекарите кои што обожуваат да решаваат локални проблеми.
Оставките во СДСМ се сосема очекувани. Тие се најголемиот губитник на овие избори, и добро е што ја напуштија идејата на Чупевска за „изразување задоволство“ по вториот круг. Факт е дека по долги години, Бранко Црвенковски повторно „одработи“ — но овојпат за ЗНАМ и ВМРО–ДПМНЕ, со пласирањето на фотографии од средбата со Пецаков, повторно избраниот градоначалник на Охрид и претседателот на ЗНАМ од Охрид. Интересно е што Пецаков има амбиции да го наследи Мицкоски на чело на ВМРО–ДПМНЕ, исто како и актуелниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Покрај победата, во ВМРО–ДПМНЕ нема посебна еуфорија. Иако триумфот во Кичево не изненади сите — и претставува позитивен сигнал за унитарноста и верба за опстанокот на Македонија — веројатно тоа е затоа што Орце не беше изборот на Мицкоски за Скопје.
Но, очигледно е дека нешто големо се случува позади завесата.
Говорите на Мицкоски за „предавници“ и притисокот врз кандидатите за Могила и Македонски Брод да се повлечат од сигурна победа, консолидацијата на редовите со помош на „длабоката држава“ и олигархијата на чело со Црвенковски, па и враќањето на Мартин Протуѓер во кабинетот на Мицкоски — најавуваат нешто големо и сериозно што сè уште не е споделено со јавноста. Пред изборите имаше и обиди преку тајните служби да се заплашат неистомислениците, па сè почнува да потсеќа на времето на Груево–Мијалково.
Портпаролот на ЗНАМ вчера со остар став на Фејсбук ја нападна коалицијата „Вреди“, обвинувајќи дека ја изиграла ВМРО–ДПМНЕ во Скопје и не го поддржала кандидатот Орце Ѓорѓиевски. Да се потсетиме — и самиот Мицкоски беше револтиран пред вториот круг поради најавите на Касами дека Албанците ќе гласаат за Дехари во Кичево.
Како и да е, премиерот Христијан Мицкоски замина во Брисел, за да учествува на Самитот за проширување на Европската Унија во организација на „Еуроњуз“. Настанот е замислен како собир на кој високи претставници на ЕУ и на земјите кандидати ќе разговараат за иднината на европската интеграција. Да не заборавиме дека таму замина со топката што му ја нафрли Фон дер Лајен во средината на минатиот месец.
И понатаму како до сега.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“