
Изложба посветена на македонската оперска пејачка со светска кариера, Милка Ефтимова
Поводот е 25 октомври - Денот на операта, а како што беше појаснето на настанот, станува збор за резултат на соработка меѓу НУ Спомен - куќа на Мајка Тереза и Музејот на македонската борба за самостојност.
Изложба посветена на македонската оперска пејачка со светска кариера, Милка Ефтимова, беше отворена денеска во амфитеатарот на Спомен – куќата на Мајка Тереза. Автор е Василија Чали, а кураторки се Елизабета Марковска од Музејот на македонската борба за самостојност и Цветанка Вучковска – Митовска од Спомен – куќата на Мајка Тереза.
Поводот е 25 октомври – Денот на операта, а како што беше појаснето на настанот, станува збор за резултат на соработка меѓу НУ Спомен – куќа на Мајка Тереза и Музејот на македонската борба за самостојност.
Пред присутните се обратија в.д. директорката на Музејот на македонската борба за самостојност – Анче Илиевска, в.д. директорката на Спомен – куќата на Мајка Тереза – Соња Кузмановска и доктор Александар Трајковски, музички публицист и педагог.
– По повод Светскиот ден на операта – 25 октомври, денеска заедно со колегите од Спомен – куќата на Мајка Тереза, со огромно задоволство ја претставуваме изложбата посветена на македонската оперска пејачка со светска кариера, Милка Ефтимова, со наслов „Оперска одисеја, наследството на Милка Ефтимова“. Гостувањето на изложбата произлезе, пред сѐ, како резултат на повеќегодишната соработка помеѓу двете институции и постоечкиот меморандум за соработка, од што произлегуваат бројните заеднички проекти, што со задоволство ќе продолжат и во иднина, подвлече Илиевска.
Таа рече дека огромна е честа и задоволството што познатата македонска оперска дива и културен амбасадор во светот, неодамна донираше значителен број на свои лични предмети во Музејот на македонската борба за самостојност.
– Благодарение на што денес сме горди чувари на нејзиното наследство и ја имаме привилегијата да го презентираме на сегашните и идни генерации. Ваквите соработки со сродни институции ни нудат исклучителни можности за оживување на спомените и оставштината од значајни личности од поодамнешното, но и поблиското минато. Со оглед на тоа дека Милка Ефтимова е внука на еден од македонските револуционери од илинденскиот период од радовишкиот крај – внука на револуционерот Петруш Поплазаров, била врвен уметник, со бројни настапи, не само во регионот, туку и пошироко во светски рамки – како Кина, Русија, Италија и претставува симбол на македонската оперска сцена, педагог и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, носител на Орденот за заслуги на Македонија, денес со посебна чест и гордост Музејот на македонската борба ги чува и негува оставштините на македонската оперска дива, додаде Илиевска.

Покрај оперската кариера и професионализмот, како што истакна таа, хуманоста и човечноста на Ефтимова се дополнителен извор на инспирација за сите нас и тие каректерни одлики, подвлече Илиевска, ја поистоветуваат со големата хуманистка Мајка Тереза, во чија Спомен – куќа се одбележува Светскиот ден на операта.
– Ефтимова, покрај останатите бројни државни награди, носител е и на наградата „Мајка Тереза“, што претставува дополнителен доказ за нејзината хуманост. За тоа зборува и нејзината изјава, дадена на едно од своите последни интервјуа – „Моето богатство не е во џебот, туку во душата и срцето“, што доволно говори за духовната вредност и непроценливата харизма на македонската уметница, што треба да нѐ води и да ни го покажува вистинскиот пат, потенцираше Илиевска.
Таа упати честитки за, како што нагласи, неуморниот ангажман на кустосите од двете институции за реализацијата на денешниот настан, со желба за продлабочување на взаемната соработка во промовирањето и презентирањето на нашето културно – историско богатство.
Трајковски рече дека, да се зборува за Ефтимова, значи да се зборува за едно маркантно обележје на македонската културна сцена.
– Да се зборува за Милка Ефтимова, значи да се зборува за една епоха, преполна со случувања, процеси и креации. Да се зборува за Милка Ефтимова, значи да се зборува за уметница од највисок ранг, со импресивна кариера и богат и плоден уметнички пат. Таа е вокален солист, кој отпеал четириесет оперски улоги, многубројни партии во ораторијални дела, кантати, многу соло песни … Уметник, кој повеќе од 1.200 пати застанал на оперската и концертна сцена, во дваесетина земји на светот. Уметник, кој освоил многубројни признанија и награди и пред сѐ, секогаш бурни аплаузи од публиката. Дури и пат, послан со цвеќиња … Уметнички и животен пат, што малкумина имале можност да го живеат и да го доживеат, рече Трајковски.

На настанот беше кажано дека Ефтимова била родена на 23 февруари 1936 година во Радовиш и потекнувала од седумчлено земјоделско семејство.
– Во 1951 година се запишува во средното музичко училиште во Скопје каде учи виолина, клавир и виола. Заедно со идниот маестро Александар Џамбазов прават квартет и учествуваат во емисиите на „Радио Скопје“, со музика во живо. Професорот Стефан Гајдов го препознава нејзиниот вроден талент за пеење и ја пренасочува на патот кон соло пеење. Ова го означува почетокот на трансформативното поглавје во нејзината музичка одисеја. Образованието го продолжува на Музичката академија во Љубљана, Словенија, под менторство на професорот Јулиус Бететто, долгогодишен солистички првенец на Виенската опера и под негов надзор, станува дел од хорот на Филхармонијата и Радиото. Текот на студиите се исполнети со настапи и концертни турнеи низ Европа, а најдобрите рецензии ги добива од Германија за операта „Аптекарот“ на Јозеф Хајдн, каде игра две улоги, Нотариус и Волпино на познатиот фестивал Бајроит, беше кажано.
Дипломирала во 1960 година, а веќе во 1961 година настапувала со Виенската филхармонија под диригентската палка на светски познатиот маестро Ловро Матачиќ.
– Тој е фасциниран од нејзините извонредни вокални квалитети и добива директна покана да биде солист на операта во Франкфурт, беше подвлечено на настанот.