Груевски со порака до министерот за правда: Наместо екстрадиција, проверете како се носеле пресудите

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, остро реагираше на најавите за можна екстрадиција, обвинувајќи дека против него бил воден политички мотивиран прогон со „монтирани судски постапки“.

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, остро реагираше на најавите за можна екстрадиција, обвинувајќи дека против него бил воден политички мотивиран прогон со „монтирани судски постапки“.

Тој ја критикуваше изјавата на министерот за правда, посочувајќи дека наместо да собира информации за неговиот статус, треба да ги истражи, како што вели, „злоупотребите и незаконитостите“ во периодот на поранешната власт.

„Судот има обврска да ја утврди материјалната вистина и не може да се крие зад формалности“, наведува Груевски, додавајќи дека во неговите предмети биле користени „лажни сведочења, притисоци и политички влијанија“, објави Скопје1.мк.

Тој тврди дека постоеле списоци за кривичен прогон, притисоци врз сведоци и адвокати, како и нарачки за пресуди од политички центри на моќ.

„Да ги прочита обвиненијата и пресудите и да види колку од нив се донесени под притисок“, порачува Груевски.

Во својата реакција тој ги оспорува и конкретните случаи за кои е осуден, тврдејќи дека нема лична корист и дека доказите биле погрешно толкувани или фабрикувани.

Груевски оценува дека странската јавност го перцепира како криминалец поради постоењето на пресуди, но дека не е запознаена со, како што наведува, „контекстот на политичката хајка“.

„Еден ден сето ова ќе стигне до ЕУ и ќе се види од вистински агол“, наведува тој.