Трилинг: Премиерот јавно поднесе оставка. Колку ваквите потези дома ја нарушуваат меѓународната позиција на Македонија и дали можеме да извлечеме некаква корист од тоа?
Мантон: „Зоран Заев ги измеша локалните избори со теми кои требаше да бидат дел од парламентарни избори и самиот увиде дека неговата партија под негово водство успеа да ја изгуби подршката која граѓанството им ја даде на претходните избори и со нивните неуспешни политики ѝ донесе победа на опозицијата. Ова не ја нарушува нашата позиција во меѓународните форуми поинаку или поразлично од постојаните дипломатски гафови и кадровски решенија кои се често не само непрофесионални, туку и криминогени. Ние во моментов имаме дипломат во затвор во Србија, а непосредно пред притворањето го назначивме да биде дел од Делегацијата при ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во текот на подготовките со нашето претседателствување со Организацијата во 2023. Настрана од ваквите екстремни случаи, нашата позиција е нарушена кога сме неподготвени, неекипирани и надвор од главните светски дискусии. Ние сме мала држава, но не можеме да градиме меѓународна позиција очекувајќи други да ни ги решат проблемите и чекајќи постојано некој да не искара па да преземеме мерки. За да си ја завршиме домашната задача, веќе зададена со Заедничката Агенда и 17-те цели за оддржлив развој на Обединетите нации, со заложбите на ОБСЕ, со Конвенциите и документите на Советот на Европа и пред сé со европското законодавство (acquis), ќе мора да смогнеме сили да не ни бидат водилка партиските превирања и да се издигнеме над личните и партиски интереси. Проблемот не е што Заев останал или си отишол, што ветил па се пишманил, проблемот е што имаме партизирани институции, нефункционална јавна администрација и недигитализирано општество. Од внатре мора да се реформираме, а ние во времето на претходната влада ја заробивме државата, а во времето на оваа влада се убедуваме дека проблемот со евроинтеграциите е во соседите и лажните ветувања. Да завршам, мислам дека недостасува саморефлексија, евалуација, стратешки пристап кон вклучување во светските текови, интелектуална наобразба и тимска работа. Кога ќе почнеме посветски да размислуваме и да се надградуваме ќе видиме промени, ќе видиме корист како што велите, но пред сé дома, а тоа ќе се рефлектира и во нашите меѓународни односи”, оценува Ида Мантон обучувач и научник во област на преговори, медијација и решавање на конфликт.
Целото интервју на Мантон за порталот „Трилинг“ ќе го објавиме подоцна.