Ковачевски: Срамно е, ВМРО-ДПМНЕ од почетоците е наследник на Ванчо Михајлов!

„Мојот личен став, и ставот на мојата партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет, тој е ист“.

Ова е пораката на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски како одговор на пратеничко прашање денеска во Собранието.

„Мојот став е ист и кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист и кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и вашата партија, вашите сопартијци во најголемиот криминален проект Скопје 2014-та година. Не знам, дали го имате на сликите во вашиот бел дворец. Но, знам дека токму ВМРО ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов. Тоа е срамно и недозволиво. Исто како што ваши членови беа на отворањето, во Битола, водена од градоначалник на ВМРО ДПМНЕ. Срамно е што вие во вашиот статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров, и на Протогеров за кого редовно пеете песни. Патем, нивниот ученик и соработник, токму Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации. Како што сложно тројцата претходно, учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери. Како што тој срамен лик бил водач на ВМРО во 20-тите години на минатиот век, а вие тоа го прифаќате и се гордеете со тој континуитет“ – рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека дел од основачите на клубот „Ванчо Михајлов“ се фотографирани со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, Ковачевски од собраниската говорница порача дека планира директно да го информирам колегата Кирил Петков, дека како Влада, во текот на оваа година, имаат намера да отворат нов културен Центар на Република Северна Македонија во Благоевград.