Христијан Мицкоски – лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара од премиерот Димитар Ковачевски да имаат заедничка средба на која меѓудругото ќе разговараат и за датум за одржување предвремени парламентарни избори, кои, според него, би биле природно решение за „катастрофалните состојби во кои се наоѓа земјата“.
Мицкоски на Ковачевски му остави рок до 10. мај да се изјасни.
„Не барам Ковачевски да брза. Нека размисли, знам дека ќе го советуваат да одбие. Но, нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе. Очекувам одговор во следните десетина дена. Нека биде краен рок 10. мај – вторник. Доколку ја одбие и оваа понуда за средба за излез од националната катастрофа што ја живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава, а потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори. Ако овие 5 години Македонија се уништуваше чекор по чекор, овие 100 дена имаме целосно разградување и разграбување на тоа што преостана. Како на забрзана филмска лента. Поскапа струја, парно, превисоки цени во маркетите, инфлација, милионски задолжувања, енергетска криза, здравствена криза, криза во образованието. И не велам дека причините се создадоа само во овие 100 дена, туку тлееа, се натрупуваа нерешените проблеми цели 5 години. Првпат во историјата имаме министри кои народот не ги познава“ рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека првите 100 дена од владеењето на новата Влада се продолжија старите навики, на тендери во четири очи, на криминал, корупција и неспособност.
„Овие 100 дена се показател дека народот живее крпен живот. 100 дена на растечка сиромаштија и галопирачка инфлација. 100 дена на покачени сметки и на давачки. На раскчмување на идентитетот и трговија зад затворени и отворени врати. 100 дена живот во национална катастрофа. И еве зошто со оваа Влада овие 100 дена имаме живот ќе повторам во национална катастрофа: Оваа влада најави ново задолжување од цели 900 милиони евра, повторувам 900 милиони евра и обнова на односите со ММФ, нешто што беше напуштено пред речиси 15 години. Со овој заем Македонија влегува во должничко ропство, повторувам должничко ропство кое ќе ги опфати и се уште неродените чеда на Македонија“ смета Мицкоски.