„Доњецк и Луганск имаат исто право како Косовo да го прогласат својот суверенитет без дозвола од централната власт“.
Ова вчера рускиот претседател Владимир Путин му го рекол на генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш во Кремљ.
„Ова беше кажано за Косово и тоа беше одлука на Меѓународниот суд на правдата, која беше поддржана од сите“ – рекол Путин.
Претседателот на Русија истакнал дека ги прочитал сите документи на Меѓународниот суд на правдата во врска со Косово и дека добро се сеќава на одлуката во која се наведува дека при остварувањето на правото на самоопределување, одредена територија на ниту една држава не е обврзана да бара од централните власти за дозвола за прогласување суверенитет.
Тој го известил Гутереш дека е постигнат напредок на неодамнешните разговори во Истанбул, но нагласи дека тие биле прекинати по извештаите за злосторствата врз цивилите во украинскиот град Буча.
Путин сѐ уште очекува дипломатско решение за кризата во Украина.
„Сè уште очекуваме и се надеваме дека ќе успееме да постигнеме договори со Украина преку дипломатски канали“ – рекол рускиот претседател.
Гутереш, пак, му порачал на Путин дека окупацијата на Украина е целосно спротивна на Повелбата на ОН.