„Денес со гордост можам да констатирам дека имаме целосно реформирана полициска структура. Воспоставени се многу реформи во делот на полициското работење. Идејата е македонската полиција да им служи на граѓаните, затоа што граѓаните преку даноци обезбедуваат плати за целата администрација, па и за македонската полиција. Покажавме во изминатиот период како заеднички знаеме, умееме, пред се секој полицаец колку пожртвувано знае да се бори за безбедноста“.
Ова го изјави министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски за тоа во каква состојба е МВР пет години по настаните во Собранието на 27. април.
„Ако разговараме за настанот од 27 април, тоа е насилниот упад во Собранието, кога имаше намера да бидат убиени пратениците и да не се дозволи преземање на власта, нешто што не доликува на едно демократско општество. Ако споредиме тој момент и денеска ништо не е исто. Се е многу понапредно и државата и институциите, посебно институцијата со која раководам, а тоа е македонската полиција“ – изјави Спасовски.
Во 2017 година, истакна тој, разговараме за полиција, за служба што ги крши човековите права и слободи, а се сеќаваме, рече, на големата афера на прислушување кога повеќе од 22.000 граѓани беа прислушувани и им беа кршени човековите слободи и права.
„Ако го земеме самиот настан на 27 април, кога не реагираше полицијата за да го заштити законодавниот дом, пратениците, новинарите и сите тие кои беа внатре, доволно говори дека интересите во тој момент не биле подредени на граѓаните и на државата, туку на нешто друго, дали е тоа политика, дали се одредени личности“ – изјави министерот Спасовски.