Радев со сочувство до Пендаровски: Бугарија и Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија
Претседателот на Бугарија, Румен Радев изрази сочувство до македонскиот колега Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма во која загинаа 46 лица.
„Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на Република Северна Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата. Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји“ вели Румен Радев.
Претходно, и Претседателот Стево Пендаровски изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа.
„Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија“ – напиша Пендаровски на Фејсбук.
Претседателот очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата.
„Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените“ напиша македонскиот претседател.