Османи: Жртвите се млади парови кои биле на продолжен викенд во Турција

Министерот за надворешни работи Бујар Османи веќе е во болницата „Пирогов“ во Софија за да ги види преживеаните во автобуската несреќата на автопатот „Струма“ во соседна Бугарија.

Тој за тамошните медиуми изјави дека туристичката агенција со која се превезувале македонските државјани е од Скопје, а непотврдените информации се дека меѓу загинатите во несреќата има повеќе од 10 деца.

Османи посочи дека најголем дел од загинатите најверојатно се млади парови кои го искористиле продолжениот викенд бидејќи вчера беше празник и неработен ден за дел од граѓаните во Македонија поради Денот на албанската азбука.

Министерот смета дека повеќето граѓани се од Скопје.

Во болницата „Пирогов“ денеска беше и премиерот на Бугарија, Стефан Јанев, а се очекува таму да пристигне и македонскиот премиер, Зоран Заев.