Пендаровски: Оставката на Заев е завршена работа, а за лидер на партијата, по она што го знам, таа дилема е исто така затворена
„Јас бев еден од првите што јавно го коментираа тоа што Зоран Заев го направи, но тоа веќе се случи. Сметам дека се работи за избрзана одлука. Знам дека има луѓе на кои Заев им значи многу во животот, има членови, симпатизери, гласачи, таа коалиција мене ме поддржа за претседател, но од моите разговори со него – тоа е веќе завршена работа. Праведно – неправедно, таа работа треба да ја оставиме во историјата. Таа работа (нов претседател на СДСМ) е одлучена работа, нека не ми замери никој, немам никаков разговор со Заев на таа тема, не е умесно да прашувам, но од она што го гледам присутно во јавноста, сметам во раководството на СДСМ дека тоа е веќе решено“. Ова вечерва во дневникот на тв Сител го изјави Претседателот Стево Пендаровски.
Тој смета дека „Македонија не е влезена во бугарско сценарио, а сите ставови од Бугарија во однос на нас треба да ги земаме со резерва“.
„Пораката на идниот бугарски премиер Кирил Петков за нов пристап во дијалогот со Северна Македонија дава надеж. Идната преговарачка позиција на Бугарија ќе ја одреди новата Влада. Нема никаква смисла да реагираме на изјави на технички министри или екс-лидер на тамошните социјалисти. Иднината и взаемните односи не може да се базираат на заклучоци од историчарите“ вели Претседателот Пендаровски за тв Сител.
Тој вечерва изјави:
ШТО БАРАМЕ ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА САМОИЛ, АКО КРИТЕРИУМОТ Е ЕУ?!
„Да се концентрираме на овие кои евентуално ќе направат Влада, може да разговараме што тие мислат. Радев доби втор мандат. Еден од овие момци вели дека комуникацијата меѓу Македонија и Бугарија не треба да оди само по тој историски канал. Што бараме да зборуваме за Самоил, ако критериумот е ЕУ“.
Шефот на државата рече дека имал две средби со Петар Колев, пред и по неговите разговори во Софија.
„Тогаш му реков дека за евентуално загрозените права на Бугарите во Северна Македонија треба да се разговара, но прво во и со македонските институции, а потоа во Бугарија“ вели Пендаровски.