Груби: Сите што сакаат да ја видат С. Македонија во ЕУ ќе се приклучат на ова парламентарно мнозинство

Функционерот од владејачката ДУИ – Артан Груби денеска порача дека во ова парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се залагаат за европската иднина на државата.

„Во моментов разговараме не само со Алтернатива туку има контакти и со други политички партии што се дел од Собранието за да се приклучат на парламентарно мнозинство или да го поддржат и мислам дека сите тие што сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон ова парламентарното мнозинство. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарното мнозинство и да продолжиме со реформи преку, првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија“’ – рече Груби.

Тој нагласи дека вчера имал разговор со премиерот Зоран Заев во врска со средбата што ја имал со партијата Алтернатива, па добил уверување дека не станало збор за кадровски прашања поврзани со евентуалниот влез на опозициската партија во Владата.