Во бомбардирањето на Израел во Газа во текот на ноќта загинаа 19 лица, меѓу кои три жени и седум деца, соопштија здравствените власти утрово.
Меѓу загинатите е и мајка и нејзините шест деца кои биле убиени во израелски напад рано утрово врз нивната куќа во централниот град Деир ал Балах.
Во бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа, друг израелски воздушен напад погоди куќа и уби четири лица. Информацијата ја потврдија надлежните во болницата Авда, каде што се однесени телата.
Во северниот град Џабалија, израелски воздушен напад уби една жена, нејзината ќерка и двајца мажи, соопшти службата за брза помош и итни случаи на Министерството за здравство.
Нападот погоди два стана во станбена зграда, се вели во соопштението.
Доцна во саботата, во израелски напад била погодена куќа во градот Абсан, источно од Кан Јунис, при што загинаа четири лица, вклучително и две жени од исто семејство, соопшти болницата Насер.
Последните жртви доаѓаат кога САД и другите посредници, Египет и Катар, се чини дека се приближуваат кон договорот по дводневните разговори во Доха, при што американските и израелските власти изразија „внимателен оптимизам“.
Но, Хамас сигнализираше отпор кон, како што вели, новите барања на Израел, а долготрајните разговори постојано беа во застој.
Предлогот што се развива бара процес во три фази во кој Хамас ќе ги ослободи сите заложници киднапирани за време на неговиот напад на 7 октомври, кој ја предизвика најсмртоносната војна што некогаш се водела меѓу Израелците и Палестинците.
Во замена, Израел ќе ги повлече своите сили од Газа и ќе ги ослободи палестинските затвореници.