Почина актерот Ален Делон

Францускиот актер Ален Делон почина на 88-годишна возраст, а веста ја потврдија неговите деца за новинската агенција „Франс прес“.

Наследниците на Делон напишаа заедничко соопштение до медиумите.

„Тој почина мирно во својот дом во Души, опкружен со неговите три деца и неговото семејство“, се вели во соопштението, во кое се додава дека семејството бара приватност во овие тешки моменти.

Делон е роден на 8 ноември 1935 година. Во својата долга кариера, тој се покажа како исклучителен театарски и филмски актер, режисер и сценарист и заслужено го доби епитетот „икона на француската и светската кинематографија“.

Појавувајќи се на филм во 1957 година, тој веднаш почна да важи за еден од најатрактивните и најамбициозните млади француски актери. Делон ја одигра својата прва забележителна улога во криминалниот филм „Во зенитот на сонцето“, а светската слава ја стекна во 1960 година со улогата во филмот „Роко и неговите браќа“.

Меѓу најважните филмови во кои глумел во текот на кариерата се „Самурај“, „Борсалино“, „Гепард“, „Сицилијански клан“, „Полицаец“ итн.