Вартоломеј до Партениј: Се надевам дека Охридската архиепископија ќе се движи во канонскиот поредок за да добие томос

Се надевам дека Охридската Архиепископија ќе се движи во рамките на канонскиот поредок, како би дошол моментот да го добие светото канонско признавање на автокефалноста.

Ова е пораката која ја испратил вселенскиот патријарх Вартоломеј до епископот и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј кој деновиве заедно со митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј и дел од братството и сестринството на МПЦ-ОА е во посета на островот Имврос во Турција каде што учествува во прославата на Успение на Пресвета Богородица.

Делегацијата на МПЦ-ОА, како што е објавено на веб-страницата на Бигорскиот манастир, пристигнала на островот на 13 август каде што била пречекана од страна на митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил.

За време на посетата на Имврос, во селото Агридија бил организиран свечен пречек на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој потоа имал обраќање во храмот посветен на Благовештението на Пресвета Богородица.

Тој посебно и со благодарност го поздравил присуството на епископот Партениј и неговата монашка придружба, истакнувајќи дека „во празничните денови тие благословуваат и ја пренесуваат љубовта и почитта од еден друг православен народ чијашто ориентација е заснова на древната Охридска Архиепископија“.

„Вселенскиот патријарх ја искажа и својата надеж дека Охридската Архиепископијата ќе се движи во рамките на канонскиот поредок, како би дошол моментот да го добиете своето канонско признавање на автокефалноста“, се наведува во соопштението на Бигорскиот манастир во кое се информира за посетата на Имврос.

Во одговорот до вселенскиот патријарх, владиката Партениј, меѓудругото, ја истакнал неговата заслуга за жртвата со која, како што се наведува во соопштението на Бигорскиот манастир, нè вовел во заедницата на православните цркви и што ја искажал својата верба и надеж дека за скоро време ќе бидат надминати сите проблеми и дека МПЦ-ОА ќе го добие очекуваниот томос од Вселенската патријаршија.