Малески: Немаме проблем сo академија, имаме со наука

„Немаме проблем со академија на науките на Албанците. Еден ден тие ќе ја добијат. Националистите од двете страни да не берат гајле. Науката обединува а ние сме поставени на политичкиот колосек на делби. Проблем е што таа нивна академија ќе биде полоша и од МАНУ која не е научна институција туку национално обележје на македонската нација. Онаа во будење, Албанската, го сака истото. Друго, како науката или вистината, не е важно.

Конечно, како и во сите мултинационални општества, секоја нација ги посакува истите национални обележја како и другата. Пред години прочитав за две невладини организации во Струга за заштита на Охридското езеро – едната македонска а другата албанска. Како и рибите да научат да прават разлика. И не ја говорат вистината академиците од МАНУ кога велат дека нема држава во која има две академии на науки.

Пораката дека ќе станеме единствена држава во светот во која ќе има две академии на науки одекна толку силно меѓу Македонците, што ела сега собери ги пердувите. Во Канада, на пример, има три академии: англиска и француска за хуманистичките науки и билингвална за останатите науки. Еден клик на интернетот и секој може да влезе во светот на информациите и да ја дознае вистината за академиите на науки на другите држави. Но, потрагата по вистината не е во надлежност на политичките партии. Во прашање е „националната идеја“ а таа нема врска со науката.

Познатиот македонски писател Димитар Башевски во едно послободно интервју, на прашањето што би сакал да биде кога повторно би се родил, одговара со благ потсмев: „Академик“. Зошто?

Па МАНУ стана национален симбол како грбот, химната или знамето на Македонците, но и статусен симбол за поединци кои знаеле како да се доберат до тоа место. Не можејќи да држи чекор со светската наука тие сега жестоко го бранат статус квото кое им носи углед и привилегии. Да појаснам. Кога велам дека нема наука во МАНУ, зборувам за општествените науки, со петгодишно искуство од „работата“ во Центарот за стратешки студии, на покана на неговиот основач Ксенте Богоев.

Но, здравиот разум кажува дека ако е ваква состојбата во политичките и правните науки, мора да е неспоредливо полоша во оние егзактните кои бараат опремени лаборатории и огромни суми пари. Листајќи низ информациите за начинот на работа на академиите во развиените земји, како Америка, на пример, се добива впечатокот дека формата не е важна. Важна е суштината: колкав е придонесот на членовите на некоја академија за конкретна научна област. Тоа нужно значи тесна соработка со универзитетите, само најдобрите, се разбира.

МАНУ, како што отворено им кажав на академиците во времето на мојата соработка со нив, пред години, е нешто налик на темен и правлив музеј. Институција која не е толку во служба на науката колку во служба на личната промоција на поединци, понекогаш, и со сомнителни вредности.

Фактот дека последниве години најголемите гласноговорници за националната кауза беа академик од областа на техничките науки и академик лингвиста, е јасен доказ дека „немале попаметна работа“. Не, не сме исклучок. Како симболи на нацијата и на национализмот, балканските академии на науките секогаш се леглото на национализмот а не научни институции како во западните демократии. Идеал на нашите академици од времето кога соработував со несреќниот Центар за стратешки студии кој умре под товарот на незнаењето и националната егзалтација, беше некаков проглас, некаков меморандум, некаков сјаен документ со кој академиците ќе стекнат домашна и светска слава.

Дека така не се гради и дека така само се предизвикуваат етнички конфликти, докажаа војните во Југославија. Добро, признавам дека треба да се имаат предвид трудот на поединците и да им се даде заслужената почит. Но, тога дамна им реков во лице, еден спрат од ова мрачно здание нека биде со тешки завеси исполнет со меморабилија и портрети на академиците. Ама, вториот мора да биде полн со светлина, со компјутери кои ги управуваат вредни луѓе вмрежени со универзитетите во Европа и во светот, па и со нашите кои се копија на МАНУ: институции во служба на личната промоција на академиците и на професорите а не на науката и знаењето“ вели во најновата колумна професорот Денко Малески.