„За потрагата по идентитетот, Горан Стефановски е еден од ретките кој што го дефинира идентитетот, како и слободата, како нешто кое не е зададено еднаш за секогаш. Ние сме во постојана потрага по сопствениот идентитет, тој се реобмислува, се потврдува, се проверува, се обликува секој ден, и тоа е прашање на голема одговорност и многу труд. Неговиот личен идентитет пред многу години, и во моментот кога дава интервју не е ист. И ние, ако се земат предвид размислувањата на Горан, исправени сме да работиме на тој идентитет, тој смета дека идентитетот се зацврствува со знаење, со победи, со напредок, со успех, со градење на општеството“ – вели во најновото издание на Трилинг актерката – Софија Куновска.
Таа вели „Горан Стефановски го доживувам како наша напластена вистина. Се што ни се случува денес, е запишано во опусот на Горан Стефановски. За жал, треба почесто да го препрочитуваме за да ги добиваме одговорите. Навидум Горан изгледаше дека не е заинтересиран на дневно-политичка основа за состојбите, но токму таа дистанца му овозможуваше да има птичја перспектива на работите“.
„Горан Стефановски е архиварот и на Чернодрински, и на Конески, на сета наша љубов, на нашата култура, литература, уметност“ вели Куновска.