
ЈО: Осомничениот за сообраќајката во која загина мотоциклист бил под дејство на дрога
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по сообраќајната несреќа во која загина 19-годишен мотоциклист.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по сообраќајната несреќа во која загина 19-годишен мотоциклист.
Според обвинителството, осомничениот управувал автомобил „Ауди А4“ по булеварот „Никола Карев“, а кога пристигнал на крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“ не ја почитувал сообраќајната сигнализација.
„На удвоена полна линија навлегол во двете сообраќајни ленти за возилата од спротивен правец, свртувајќи во лево на крстосницата“, соопшти Обвинителството.
Дополнително, утврдено е дека возилото го управувал под дејство на наркотична дрога, спротивно на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според истрагата, со предниот дел од автомобилот удрил во мотоцикл „БМВ“, а во задниот дел од возилото удрил и мотоцикл „Хонда ХДВ“. Двата мотоцикли се движеле од спротивна насока и паралелно.
Од силината на ударот, возачот на мотоциклот „БМВ“, 19-годишниот М.Ф., се здобил со тешки телесни повреди од кои подоцна починал.
Обвинителството оценува дека постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоци или да го повтори делото, поради што до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор.