Трилинг во Белград: Граѓаните се кренаа против насилство, власта ги исмева, експертите бараат решенија

Репортажата ја правеше Кристина Атовска

Оставка од дел од министрите, од првиот човек на тајната служба, смена на раководството на јавниот сервис и на регулаторното тело, одземање на концесијата на телевизиите кои емитуваат насилство се само дел од барањата на опозицијата и на граѓаните кои во огромен број се собраа на протест против сите видови насилство.

Пратеникот од Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ вели дека мора да падне целата Влада бидејќи, според опозицијата, токму Владата и владините медиуми се виновни за насилството кое на голема врата е влезено во Србија. Тој и останатите пратеници, поради нивниот имунитет, први излегоа на автопатот за да не се случи граѓаните да сносат правни последици.  Дел од граѓаните вработени во јавната администрација се плашеа да говорат пред камерите. Но тоа не е случај и со наставниците.

Во меѓувреме, премиерката Ана Брнабиќ на Твитер ги исмеваше граѓаните со објавување фотомонтажи.

Додека траеше протестот, 3 амбулантни возила беа пропуштени, од кои 2 беа комплетно празни. Овој потег, демонстрантите го сметаат за очекувана провокација од власта која не си ја оствари својата цел, а тоа е да ги окарактеризира протестите како насилни или нецивилизирани.

Трилинг го посети и училиштето „Владислав Рибникар“ каде родителите на убиените деца секој ден доаѓаат да остават цвеќе. Наставата е продолжена, а полициски службеници го чуваат училиштето.

Ја прашавме експертската јавност како понатаму. Професорката Марија Ѓориќ од факултетот за безбедност, дипломатија и медиуми вели дека мора многу да се работи на превенција, но и на воспоставување систем за намалување на меѓуврсничкото насилството, по пример на скандинавските држави.

Медиумската програма која емитува насилство и насилни реални шоуа, и професорката Ѓориќ ја смета за отровна и вели дека едно од решенијата е отстранување на таквата програма која би смеела да се емитува единствено со скапи претплати и без пристап на малолетни лица. Професорката вели дека одговорноста е на целото општество и сега треба системски пристап за подигнување на културата на говорот која ќе  биде ослободена од насилство, вклучувајќи го и говорот на политичарите.