
Мајсторовиќ: Меѓудржавните односи ќе профитираат во однос на она што се случи во Србија
Јас сум убеден дека таа промена што се случи ќе биде промена на подобро и дека меѓудржавните односи меѓу Македонија и Србија само ќе профитираат во однос на она што се случи во Србија, бидејќи, повторно споменувам, тоа ресетирање на демократијата во Србија, враќањето на политиката во институциите, враќањето на дијалогот внатре во институциите за сите важни теми, вклучувајќи ги и регионалните односи и надворешната политика, може да биде само од корист, и првенствено за граѓаните на Србија, но и за граѓаните на земјите во регионот.
„Победата на која ја сведочевме во неделата е навистина историска. Историска е според бројот на луѓе што излегоа да гласаат на овие избори и историска е по количеството на многу позитивни емоции што тие луѓе цел ден ги ширеа околу себе на избирачките места. Не беше едноставно, луѓето со часови чекаа во ред за да го остварат своето со устав и закон загарантирано право да гласаат за промена. И тоа е, едноставно, суштината на причината зошто таа победа е толку убедлива.
Мнозинската Србија сака промена. Мнозинската Србија се измори од 14 години авторитарна власт, власт што беше заснована на поделби, на корупција, на силни врски со организираниот криминал, и граѓаните одлучија да кажат: „Доста беше“ и да гласаат за промена.
-Тоа не е обична промена на власта, станува збор за барање за промена на политичкиот систем и барање за ресетирање на демократијата во Србија. Од тие причини, бројот на излезени гласачи е историски висок. Имајте предвид дека избирачките списоци во Србија се многу непрецизни.
Според официјалните податоци, од 6,6 милиони граѓани на Србија, дури 6,4 милиони имаат право на глас. Тоа не е нормално, тоа не е вообичаено и тоа, е веројатно последица на неажурираните избирачки списоци“, вели за „Трилинг“ Срѓан Мајсторовиќ претседател на Центарот за европски политики во Србија.
За тоа колку студентското движење ќе работи во насока на стабилизарање на државата, Мајсторовиќ вели дека со такиви прашања често се соочуваат
„Студентско движење е прилично атипичен вид политичка организација на јавноста во една земја. Обично луѓето гласаат за политички партии, кои имаат свои програми, кои имаат свои планови, па од таа перспектива ова движење се смета за премногу некохерентно, разнородно, па дури и се сомневаат дали постои некаков план, но план постои.
-И додека разговараме, се прават планови за транзицијата, за тоа на кој начин ќе биде формирано прво Собранието, а потоа формирана и Владата, така што немам сомнеж дека таа транзиција ќе биде многу ефикасна и дека ќе се заснова на одредени планови и програми.
-Причината зошто е потребна ефикасност во овој момент е фактот што Србија навистина се соочува со сериозни предизвици и во таква земја, при ваков вид промена на политичкиот систем, неопходно е што побрзо да се формира ефикасна влада.
Мајсторовиќ смета и дека во овој момент не може да се знае дали студентското движење ќе остане само како движење или ќе прерасне во политика партија.
„За тоа можеме само да шпекулираме во овој момент, едноставно никој не може со сигурност да каже. Меѓутоа, јас сум склон да верувам дека тоа движење ќе потрае подолго, извесно време имајќи ја предвид огромната одговорност што членовите на тоа движење ја носат на грбот и големата поддршка што им ја дадоа граѓаните на Србија, пред какви било идеи за некакви поделби.
-Мислам дека сите пред сѐ ќе имаат чувство на одговорност кон таа поддршка што ја добија од граѓаните и јас предвидувам дека ова движење веројатно еден мандат барем еден четиригодишен мандат ќе има стабилна поддршка во рамките на парламентот.
-А поделбите внатре во толку, да кажам, некохерентни здруженија се секогаш можни.
Студентското движење е она што на англиски се нарекува сеопфатно („catch-all“) движење.
-Тоа опфаќа и десни идеологии, и леви идеологии, и центристички идеологии и природно е внатре во такво движење да постојат, а на крајот на краиштата и легитимни се политичките разидувања.
За улогата на САНУ во победата на студентите. Мајасторовиќ смета да дека „Она што е голем успех на студентското движење во Србија е тоа што на некој начин ја деидеологизираше политичката активност“.
Значи, целата политичка филозофија на студентското движење е, ајде да го наречеме, некаков уставен патриотизам, како што се нарекува тоа. Значи, тука нема национализам, тука нема шовинизам, тука нема некои други идеолошки идеи. Пред сè, затоа што идејата е промена, ресетирање на демократскиот систем, изградба на демократски институции и обезбедување демократијата во Србија да профункционира на начин како што е тоа регулирано со Уставот и законите на земјата.
– И затоа тоа движење, без оглед на својата некохерентност во таа идеолошка смисла, сепак е единствено и сепак се залага за единствена идеја. Таа идеја, ќе ве потсетам, се базира и на европските вредности, бидејќи владеењето на правото, демократијата, солидарноста меѓу граѓаните, сето тоа се вредности врз кои е заснована и самата Европска Унија.
-Па, од таа перспектива, мислам дека постои огромно поле за потенцијална соработка меѓу новите власти и Европската Унија и сите добронамерни надворешнополитички партнери.
Прашан за тоа колку е ова обид за расчистување со авторитарните режими, Мајсторовиќ смета дека тоа е прашање на кое се фокусираа не само граѓаните на Европската Унија, туку и ширум светот.
„Кога ќе ги погледнете реакциите за победата на студентите, од Ана Аплбам, на пример, една фантастична теоретичарка на демократијата, па сè до високи претставници на меѓународни организации.
-Сите се фасцинирани од таа желба за демократија, желба за слобода, желба за владеење на правото. И од таа перспектива, студентското движење во Србија е можеби и некаква глобална авангарда и покажува на кој начин граѓаните во демократиите мораат и треба секојдневно да се борат за она што се демократски принципи.
-А тоа е владеење на правото, слобода, изразување на политичката мисла, толеранција, почитување на туѓото мислење и креирање политика внатре во демократските институции.
Околу политичката тензичност, упадот во некои медиуми блиски до поранешната гарнитура во Белград, Мајсторовиќ вели дека зад тие работи не стои Студентската лиска.
„Прво, сакам да се оградам и да објаснам дека зад тој упад дефинитивно не стои Студентската листа или кој било што се бореше за вистински промени во Србија, не навлегувајќи во мотивите на групата што влезе во телевизијата „Информер“.
-Она што е важно е дека Студентската листа се огради од какво било насилство. Тоа не е начин на политичко дејствување што Студентската листа го поддржува, а токму идејата за владеење на правото е она што би требало да обезбеди рамка и начин на кој ќе се решаваат и овие проблеми што вие ги поставивте во прашањето.
-Значи, сите оние политички, економски, медиумски актери што не се огрешиле од законите на Република Србија, можат мирно да продолжат да си ја вршат својата работа и никој нема поради тоа да ги санкционира.
-Меѓутоа, природата на промената што се бара во Србија деновиве, а тоа е промена, повторно
ќе кажам, на системот, не само на власта, неминовно ќе води кон тоа сите оние што се
огрешиле од законите на Република Србија, да мора за тоа да одговараат, но во согласност со законот, никако врз некои принципи на политичка одмазда.
За тоа дали очекува промени во надворешната политика пред сѐ во релациите со соседните држави, но и политиката кон Вашингтон, Брисел и Пекинг, Мајсторовиќ смета дека се многу важни пораките што деновиве ги слушнавме во изминатите 48 часа од некои од претставниците на Студентската листа, а кои се однесуваат токму на градењето добрососедски односи и подигнувањето на тие добрососедски односи на уште повисоко ниво.
„Надворешната политика не беше тема на овие избори и ние во овој момент сè уште немаме јасна слика и програма за тоа кои се основните принципи на надворешнополитичкото дејствување на некоја идна влада што ќе ја формира Студентската листа.
-Тука едноставно очекуваме да видиме во кој правец ќе се развиваат работите. Она што е сигурно е дека нема да има драстични, драматични и брзи промени во она што е досегашна политика, пред сè во врска со воведувањето рестриктивни мерки, односно усогласувањето со рестриктивните мерки на Европската Унија, пред сè кон Русија, но и кон некои други земји, додека во другите области,
како што е, на пример, водењето дијалог за нормализација на односите со Косово, не зависи сè од едната страна, туку се потребни двајца за тоа танго, за тој танц, и ќе зависи пред сè и од односот на Приштина кон дијалогот.
-Меѓутоа, самата природа на ова движење и неговото инсистирање на владеењето на правото едноставно нè уверува дека идната влада ќе се раководи од принципите за почитување на меѓународните обврски.
-Значи, без оглед на промената на владата, секоја следна влада мора да ги преземе обврските што некој во име на Србија претходно ги презел, и во врска со тоа јас верувам дека ќе дојде до одреден континуитет во односите и со Европската унија и со другите меѓународни партнери, така што тука не очекувам некоја брза промена, туку би рекол пред сѐ еден еволутивен карактер на односите, особено со Европската унија.
Околу прашањето за тоа каков профил за премиер на Србија и е потребен околу како што вели „ресетирање на целиот систем“, Мајсторовиќ вели дека пред сѐ, и самиот избор на кандидат е нешто што е многу специфично за дејствувањето на студентската листа.
„Студентите дефинитивно во рамките на своите тела за одлучување, во рамките на пленумот, сигурен сум дека ќе разговараат и за потенцијалните кандидати и за премиер и за министри, за разни позиции во рамките на идната институционална организација на Владата на Србија.
-Така што тука во овој момент немаме јасен и прецизен одговор.
-Господинот Дејан Шошкиќ е некој што има искуство со работа во државните органи, беше гувернер на Народната банка на Србија, така што од перспектива на некој што мора да има некакво знаење за начинот на кој функционира државниот апарат, како да се обезбедат јавните финансии, тој секако се профилира како еден од можните кандидати.
-Но, пак ќе кажам, многу е неблагодарно во овој момент да се зборува за имиња, затоа што ниту вие ниту јас нема да одлучуваме за тоа, туку студентите претходно ќе направат некаков процес на селекција и ќе излезат со свои кандидати.
-Природно е сите земји во опкружувањето да забележат дека во Србија се случуваат големи промени, а природно е и дека тие промени ќе имаат одредено влијание и врз регионалните односи.
-Меѓутоа, јас сум убеден дека таа промена што се случи ќе биде промена на подобро и дека меѓудржавните односи меѓу Македонија и Србија само ќе профитираат во однос на она што се случи во Србија, бидејќи, повторно споменувам, тоа ресетирање на демократијата во Србија, враќањето на политиката во институциите, враќањето на дијалогот внатре во институциите за сите важни теми, вклучувајќи ги и регионалните односи и надворешната политика, може да биде само од корист, и првенствено за граѓаните на Србија, но и за граѓаните на земјите во регионот.
-Србија ќе биде далеку попредвидлив надворешнополитички чинител, ќе биде многу… нејзините претставници ќе имаат многу поголем легитимитет, бидејќи досега државата ја претставуваше еден човек, а во иднина тоа ќе бидат некои министри, претседател, претседател на Влада, претседател на Собрание, кои ќе имаат одредена доза дополнителен легитимитет и автономија во своето работење.
Значи, целиот државен систем ќе биде многу помалку централизиран. И тоа може да биде само од корист и за граѓаните на Србија, но, би рекол, и за односите во регионот.
Интервјуто погледнете го во видеото