Таткото на Вања: Не сум веќе ни родител, ни татко, сакам да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова

„Се соочувам со апсурдни обвинувања до апсолутност. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам. Ми одзедоа се. Не сум веќе ни родител, ни татко, ехо од човек остана од мене. И јас водев моја истрага. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни“.

Со овие зборови, низ солзи, Александар Ѓорчевски, осомничен за помагање во грабнувањето на неговата 14-годишна ќерка Вања Ѓорчевска, која беше убиена, денеска пред Врховниот суд побара да биде пуштен од притвор каде е држен со месеци, пренесе Слободен печат.

Во меѓувреме, како што истакна неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ, семејната трагедија што ја преживува неговиот клиент ескалира бидејќи тој нема контакт со другата ќерка, односно не му е дозволено да го види своето друго дете, поради што во случајот морал да се вклучи Центарот за социјални работи.

Во Центарот за социјални работи викнати биле мајката на Вања Ѓорчевска, таткото Александар и сестрата на Александар.

Дополнително, како што истакна Туфегџиќ пред Врховниот суд, на Александар Ѓорчевски му била вршена и тортура за што постоеле материјални докази во форма на медицински извештаи од Торакалната клиника. За ова Хелсиншкиот комитет за човекови права извршил и разговор со Ѓорчевски. Адвокатот побара да се намали трагедијата која ја поминува осомничениот, а која добива драматични размери.

– Трагичната судбина на овој човек, покрај тоа што го има загубено детето, е во добра мерка инспирирана од несреќната и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи кој изнесе непроверени наводи, кои во јавноста беа пласирани во форма на обвинение и осудителна пресуда, без да се води сметка за пресумпцијата на невиност. Сето тоа личи како да е кажано крајно невнимателно и во добра мерка улога во таа работа за жал имаат и некои луѓе кои биле дел од владејачката структура. Биле и пратеници кои на своите Фејсбук профили веднаш се приклучија и ги поддржаа наводите што тогаш ги кажа министерот за внатрешни работи – рече адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ.

Тој денеска пред Врховниот суд истакна дека мерката притвор за Александар Ѓорчевски треба да се укине, затоа што нема опасност дека тој ќе избега – важноста на пасошот му истекла.